Сè уште многу популарната српска водителка и некогашна југословенска лото-девојка, атрактивната 69-годишната Сузана Манчиќ, која во ноември оваа година ќе го прослави својот јубилеен 70. роденден, ова лето, по долга пауза, повторно ќе биде и пејачка. Таа многу се радува што ќе настапи на сцената на годинашниот интернационален фестивал „Охридфест“. Во дует ќе пее нова песна, заедно со српскиот интерпретатор Јовица Ѓоле-Боем. Тоа ќе биде мошне интересен спој. Инаку, фестивалска водителка ќе биде нашата Маријана Станојковска.
– Уште отсега ветувам прекрасен заеднички триминутен настап. Јас многу се радувам за доаѓањето во Охрид, кој, за мене, е како град од бајките. И вие си знаете дека ние, Србите, сме вљубени во Охрид. Кога сум во Охрид, мислам дека имам чувство како да има широко сино море пред мене, бидејќи навистина е така. Големината на Езерото ми дава таков убав впечаток. Целата треперам! Секогаш прекрасно си поминувам со моите пријатели од Македонија. Благодарна сум за поканата од господинот Копров. Ќе биде интересно и овој пат, но сега малку и работно. За љубов на публиката, ќе пеам – вели постојано насмеаната Сузана, за весникот ВЕЧЕР.
Иако веќе неколку години ужива во официјална пензија, Сузана и понатаму е професионално активна. Дома не може да седи покрај телевизорот и да готви, не е таков тип, а и здравјето добро ја служи, без разлика на тоа што пред извесно време имаше операција на колкот, која помина без проблеми. Последните години, откако е во брак (втор по ред) со грчкиот банкар Симеон Окомокос, кому нагалено му се обраќа со прекарот Симица, а тој нејзе со Манцицка, постојано е на релација Белград – Атина – Белград.
– Забележав дека често, на тие патувања, ме заморуваат еден куп луѓе што ме препознаваат, а сакаат нешто љубопитно да ме прашаат, да се сликаат со мене, иако им ги разбирам таквите желби. И секогаш сум љубезна, но ми треба мир. Сега условите за патување во земјите на ЕУ станаа комплицирани, со тоа и во Грција. Доцна ми е на овие години да донесам одлука за трајна преселба во Атина. Освен тоа, Симеон веднаш ми разјасни некои работи. Ми кажа дека ако живеам во Атина, би ми станало здодевно, познавајќи го мојот темпераментен карактер. Тој знае дека место не ме држи. Јас го сакам него, ја сакам неговата Грција, го сакам морето, тој ме сака, ама, сепак, Белград е мојот град во кој имам работа. Имам свои драги луѓе, омилени места за излегување: Скадарлија, сплавовите на Сава, Кошутњак, Авала, „Кнез Михајлова“, Калемегдан… Во Атина, никого не познавам за такво другарување. Србија е мојата родна земја и не верувам дека би можела засекогаш да живеам во некоја друга држава.
Згодната водителка, но, секако, и пејачка, открива дека е задоволна од износот на својата пензија.
– Пензијата не мора да значи дека е крај на мојот работен век. Иако не ми е голема, а и не очекував повеќе, знам како да живеам и со толку пари. Пред сè, за да ги платам сметките, па и да ми остане некоја паричка настрана. Не го кажувам износот на пензијата, бидејќи не е коректно. Многу луѓе живеат и со неверојатно помали пензии, но штедливи се и здрави. И јас станав штедлива, зошто да не? Станав како некоја Пироќанка (се смее). Тие луѓе се такви, знаат и да штедат за црни денови, што воопшто не е некоја мана. Освен тоа, пензијата не ја трошам на глупости, во кафулиња или за некој порок. Впрочем, работам три работи на три различни белградски телевизии. Кажав, дома не седам, тоа би ми било за никаде. Секој ден ми е осмислен. Јас сум весела личност, сакам да сум во движење.
Некои ми се чудат, се прашуваат од каде на овие години сè уште имам и желба и енергија за медиумска работа, а тоа мене ме исполнува. Ќерките Наталија и Теодора поодамна се возрасни, си имаат свој живот. Колку и да изгледа невозможно, јас секогаш со нетрпение очекувам некаде да отпатувам. Признавам дека сум скитач во добро расположение.
Дуле МИЌИЌ / фото:приватна архива












