четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Четврто издание на „Стрип Трип“ од 5 до 7 јуни во МКЦ

Четврто издание на „Стрип Трип“ од 5 до 7 јуни во МКЦ

10

Во Младинскиот културен центар во Скопје, од 5 до 7 јуни, ќе се одржи четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност — „Стрип Трип“.

Главен гостин на „Стрип Трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C’era una volta l’Est“ / „Беше еднаш на Истокот“. Делото е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. На фестивалот, Пешов ќе го промовира македонското издание на „Беше еднаш на Истокот“, а ќе се претстави и со изложба и цртачка сесија. Специјален гостин, пак, на фестивалот е Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“.

Во меѓународната програма учествуваат и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.

Македонската стрип-сцена на фестивалот ќе ја претстават: Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски. Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“, со која се оддава признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.

Програмата вклучува: три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсите, промоции на нови домашни и регионални стрип-изданија, панели, презентации, мастерклас и работилница за стрип, цртачка „џем“ сесија со гостите, берза на стрипови, друштвени игри и поткаст во живо, како и диџеј сетови на Галатеа, Владодлак и Игор Калц.

ИЗДВОЕНИ