По нападот врз кулите близначки во Њујорк, синот на загинат пожарникар, лекарот што ги лекувал спасувачите и вработениот во авиокомпанија, кој им помогнал на двајцата киднапери на авионот да се пријават за летот, сè уште живеат со товарот од тој ден
Скот Ларсен имал четири години кога неговиот татко, пожарникар од Њујорк по кој го добил името, загинал при уривањето на Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година. Неговиот татко, тогаш 35-годишен, тукушто бил привремено распореден во Долен Менхетен од неговата матична противпожарна станица во Вудсајд, Квинс, Њујорк, кога двата авиони киднапирани од исламистички милитанти на Ал Каеда удрија во кулите близначки. Тој беше еден од 343 членови на противпожарната служба на Њујорк кои загинаа во нападот пред 25 години.
Овие два авиони, како и третиот што се урна во Пентагон и четвртиот што се урна во Пенсилванија, им ги одзедоа животите на околу 3.000 луѓе во досега невиден напад. Овие напади го променија текот на животот на некои луѓе. Во својата вчерашна репортажа, „Ројтерс“ споделува приказни на тројца мажи на кои им се случило тоа. Ларсен, кој сега има 29 години, ги следел стапките на својот татко. Тој се приклучил на Противпожарната служба на Њујорк и побарал да биде распореден во истата противпожарна станица Вудсајд каде што работел неговиот татко. Според Меѓународното здружение на пожарникари, 58 деца на припадници на противпожарната служба на Њујорк кои загинаа на 11 септември, го сториле истото. Во станицата, на секој чекор нешто го потсетува Ларсен на татко си: неговото име е врежано во спомен-плоча и на противпожарно возило, додека неговите фотографии висат во кујната и просторијата за рекреација. И помладиот брат на Скот Ларсен, роден два дена по 11 септември, го положи приемниот испит и се надева дека ќе се приклучи на противпожарната служба на Њујорк следната година.
Колку и да беше ужасен почетниот број жртви, трагедијата не заврши тука. Купот урнатини беше висок околу пет ката, а потрагата по преживеани, а подоцна и по останки, траеше со месеци под облаци прашина што долго време се задржуваа над областа. Како медицински директор на енергетската компанија „Кон Едисон“ во Њујорк, докторот Мајк Крејн беше одговорен за заштита на спасувачите и работниците што ги расчистуваа урнатините и за тоа да се осигури дека секој од нив има респиратор што му одговара. Во првите денови од операцијата за чистење, еден млад човек дојде во ординацијата на Крејн со силна кашлица откако работеше на урнатините на Граунд Зеро. Кога Крејн му рече да земе неколку дена одмор и да оди на лекување, младиот човек одби. Еден од членовите на неговото семејство беше закопан некаде под урнатините, се присети Крејн во едно интервју во болницата Маунт Синај, каде што работи сега како медицински директор на здравствената програма на Светскиот трговски центар.
– Тогаш сфатив дека ова не е само национална или државна работа, ова е лично. Беше лично за многу од оние луѓе кои изгубија некого таму, рече 74-годишниот Крејн.
Програмата за здравје на Светскиот трговски центар, финансирана од владата на САД, обезбедува здравствена заштита за болести поврзани со 11 септември за повеќе од 150.000 спасувачи и работници вклучени во спасувачките акции и во напорите за расчистување, како и за луѓе кои живееле, работеле или оделе на училиште во областа погодена од нападите, според американските центри за контрола и превенција на болести собрани до 30 јуни. До денес, на учесниците во програмата им се издадени приближно 85.000 сертификати за здравствени состојби поврзани со Светскиот трговски центар. Околу половина од тие случаи се однесуваат на последиците од вдишување или голтање токсична прашина, додека околу 30 проценти се однесуваат на рак. Повеќе од 9.000 луѓе следени од програмата починале од 11 септември, иако официјалните лица велат дека е тешко да се утврди степенот до кој ефектите од нападите придонеле за нивната смрт.
Како и многумина чии животи беа обележани од 11 септември, Мајкл Туохи живее со неодговорени прашања. Како вработен во авиокомпанија, тој им помогнал на двајцата киднапери да се пријават за лет на Меѓународниот аеродром Портланд во Мејн. Тоа било почеток на патувањето што заврши со уривање на летот 11 на „Американ ерлајнс“ во Северната кула на Светскиот трговски центар. Мохамед Ата и Абдул Азиз ал Омари пристигнале на шалтерот само половина час пред полетувањето. Туохи ги прегледал нивните хартиени билети за да види дали биле купени непосредно пред патувањето или платени во готово, што дури и пред 11 септември би било причина за сомневање. Сепак, билетите биле купени недели однапред, платени со кредитни картички и биле за прва класа.
– Имав чувство дека на постариот, понизок човек, не му се допаѓа што е тука, рече Туохи, мислејќи на Ата. „И потоа помислив: Шест и пол е наутро. Никој не сака да станува во шест и пол“.
Кога првите зраци сончева светлина го осветлија небото над Портланд тоа студено есенско утро, Туохи немаше поим какви ужаси ќе донесе денот.
– Моето претчувство не беше погрешно, но постоеја закони против профилирање луѓе. Не го послушав мојот инстинкт. И се покажа дека тоа беше страшно. Но, не е работата во тоа дека бев во право. Само, ако го послушав инстинктот, можеби нешто ќе се променеше. Не велам сигурно, но можеби. Којзнае?, вели Туохи, сега 80-годишен и пензионер.
Подоцна, по нападот, беше широко анализирано како американските разузнавачки служби не успеале да го откријат заговорот на Ал Каеда.












