Селата околу Старо Нагоричане цела година живееле во страв од серијата напади врз жени – четири завршиле со смрт, а две со преживеани сведоштва што му ги раскажале на надлежниот обвинител. Жртвите биле жени, дел живееле сами, а психијатриското вештачење покажало дека осомничениот бил целосно свесен и пресметлив додека убивал
Основното јавно обвинителство – Куманово ја прошири истрагата против 26-годишниот Трајко Б. од селото Драгоманце, кој сега се сомничи за четири убиства и две обиди за убиства, сите врз жени од регионот на Старо Нагоричане. Според обвинителите, станува збор за прв случај во Македонија каде што сериски убиец се гони и за новото кривично дело – фемицид.
Обвинителот Љубомир Лапе на брифинг со новинарите соопшти дека психијатриското вештачење покажало оти осомничениот не страда од психичка болест, бил свесен за своите постапки и целосно пресметлив во моментите кога ги извршувал делата.
Според истрагата, злосторствата се случувале во период од една година. Првата жена, за која Обвинителството има докази, била убиена меѓу 5 и 7 јануари 2025 година, втората – по точно шест месеци, третиот обид му бил неуспешен, жената што ја нападнал на 22 јули ја избегнала смртта. Серијата напади ја интензивирал годинава, ново убиство извршува на 17 или на 18 јануари, а починатата жена од каде што почна истрагата, ја убива во периодот меѓу 27 јануари и 12 февруари. Меѓу двете убиства од оваа година има уште еден обид, нападнал повозрасна жена на 9 февруари. Па така, СВР Куманово поднесе нови кривични пријави против 26-годишниот осомничен и тоа за убиство на Ј. А. од Драгоманце и С. К. од Клечовце, како и за обид за убиство врз две жени – С. А. и Р. Т. Претходно против него веќе беа поднесени пријави за убиствата на М. С. од Челопек и М. М. од Куманово, која живеела во Старо Нагоричане.
По ексхумациите и обдукциите, Судска медицина утврдила дека жените починале од насилна смрт. Биле извршени три ексхумации, но кај една од починатите жени не било потврдено дека смртта е поврзана со осомничениот. Обвинителот Лапе откри дека осомничениот го познавал добро регионот и најверојатно познавал и дел од жртвите. Не откри детали за начинот на убиствата, ниту дали имало сексуално насилство, повикувајќи се на интересот на истрагата.
„Има доволно докази за обвинение кое очекуваме да биде поднесено за околу еден месец“, рече Лапе.
Паралелно со истрагата против осомничениот, СВР Куманово поднесе кривични пријави и против двајца мртвопроверители од кумановската болница за „несовесно вршење на службата“, откако кај дел од жртвите првично била констатирана природна смрт.
Случајот почна да се расплетува кога повозрасни жени од регионот јавно проговорија дека преживеале напади. Осумдесет и петгодишната Росанка од Челопек раскажа дека непознат човек ѝ фрлил ќебе преку главата и почнал да ја дави во нејзиниот дом. „Ме фати за гуша за да не можам да викам. Ме удираше по главата и ме давеше долго“, сведочеше таа. Слично сведоштво даде и 83-годишната Слободанка Арсовска, која успеала да се спаси преправајќи се дека нејзиниот син е на катот од куќата. Во јавноста се појавија и снимки од безбедносни камери на кои се гледа лице како кружи околу куќи и бара начин да влезе.
Осомничениот Трајко Б., кој се наоѓа во притвор во затворот во Куманово, потекнувал од повеќедетно семејство, бил овчар, а имал и претходни кривични пријави за кражба на автомобил и за други кражби.
Обвинителството најави дека ќе се преиспитува секоја сомнителна смрт во регионот од почетокот на минатата година, особено кај лица кои живееле сами и биле пронајдени денови по смртта. Како се откриваат нови жртви на серискиот убиец, во селата околу Старо Нагоричане стравот не стивнува. Вратите се заклучуваат порано, светилките остануваат вклучени до доцна во ноќта, а жителите сè почесто си го поставуваат истото прашање – колку долго траела оваа серија пред некој конечно да ја забележи? (П. А.)












