Реконструкцијата на монументалниот споменик во Крушево „Македониум“ ги разбранува експертите. Требало или не да се направат капаци врз витражните отвори, сепак денеска ќе треба да констатираат експертите од Управата за заштита на културното наследство. Ова за весникот ВЕЧЕР го изјави директорката Весела Честоева, која вети дека по инспекцискиот надзор и увидот, јавноста ќе биде благовремено информирана.

– Во 2025 година, по предлог на Завод и Музеј – Прилеп, беше донесено решение за прогласување на споменикот Илинден за културно добро во опасност. Со решението се пропишани итни мерки на заштита. Но, по однос на поставување на заштитната времена конструкција до Управата не е доставено барање за конзерваторско одобрение, вели Честоева за весникот ВЕЧЕР.

Всушност, споменикот „Македониум“ во Крушево, кој со години наназад е оставен на забот на времето и на кој се забележливи бројни оштетувања од прокапување, деновиве, пред празникот Илинден, повторно стана актуелен. Имено, пред само неколку дена, весникот ВЕЧЕР пишуваше за поставување на челичната конструкција над галериите со витражи и стакла под стручен надзор на Заводот и музеј – Прилеп, со цел да се спречи понатамошно навлегување вода во објектот. Како што посочија надлежните, се работи за времено решение. Сепак, овие активности предизвикаа бурни реакции кај уметницата Лира Грабул, ќерката на Јордан и Искра Грабул, авторите на ова архитектонско-уметничко ремек-дело. За еден портал таа изјави дека не била известена за ваквите активности, а поставените решетки ги спореди со „кокошарник“.

Но, според надлежните во Заводот и музеј – Прилеп, целта е да се заштитат галериите со витражи и со стакла, кај кои веќе има големо оштетување.

– Челичната конструкција е направена од четвртести профили со различни димензии и ќе биде поставена на сите осум галерии – четири со витражи и четири со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво на споменикот. Над конструкцијата ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе се спречи навлегувањето вода во споменикот – посочија од Заводот и музеј – Прилеп. Инаку, во текот на оваа година треба да почнат и истражувањата, како и изработката на основниот проект за целосна конзервација на „Македониумот“. Директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, истакнува дека е во тек изработката на основниот проект за конзервација и реставрација, кој ќе ги опфати статиката, градежните работи, замената на витражните стакла и санацијата на внатрешната метална конструкција.

На страницата на Националниот конзерваторски центар, пак, на 24 јули е објавено дека стручен тим од Центарот извршил стручен увид на витражните композиции.

„Увидот беше реализиран како стручна поддршка на носителот на проектот – НУ Завод и музеј – Прилеп, со цел согледување на моменталната состојба на витражните елементи и дефинирање на понатамошните истражувачки активности, кои ќе претставуваат основа за изработка на проект за нивна трајна заштита, конзервација и реставрација. Во стручниот тим учествуваа м-р Владо Муковски, советник конзерватор, и Орхан Османи, конзерватор од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. При увидот беа констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција, како и на витражните стакла, при што беше утврдена потребата од итно преземање конзерваторски мерки за нивна заштита. Во рамките на претстојните истражувачки работи, сите констатирани оштетувања ќе бидат детално документирани, анализирани и стручно евалуирани, со цел изработка на соодветна конзерваторско-реставраторска документација и обезбедување долгорочна заштита на овој значаен споменик на современото македонско културно наследство“, велат од НКЦ.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ