Енергетската независност на Македонија, новите инвестиции во производството на електрична енергија, модернизацијата на преносната и на дистрибутивната мрежа, како и реформите во законската регулатива се меѓу клучните предизвици за државата. Во фокусот се и капиталните проекти – Чебрен, когенеративната гасна централа, како и новите ветерни и фотоволтаични паркови, од кои се очекува да ја намалат увозната зависност и да придонесат за постабилно снабдување со струја. Колку се реални очекувањата за пониски сметки за граѓаните, кога ќе се почувствуваат придобивките од инвестициите и каков е планот за понатамошен развој на енергетскиот сектор? На овие и на други прашања од актуелни теми, за весникот ВЕЧЕР одговара Мирослав Лабудовиќ, заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, кој на последните локални избори влезе во финалето од трката за градоначалник на скопската Општина Центар.

– Во изминативе две години работите тргнаа од мртва точка благодарение на силната волја и на посветеноста на менаџмент-тимовите во енергетскиот сектор за трансформација на енергетската слика на Македонија. Избрани сме на овие одговорни позиции за да понесеме одговорност и да носиме храбри одлуки за државата. Доколку бегавме од одговорноста, немаше да се инсталира ниту еден нов фотонапонски панел, а камоли да се почне со реализација на вакви големи капитални инвестиции. Во моментов, со државниот енергетски сектор менаџираат луѓе кои се подготвени товарот на овие промени да го изнесат до посакуваната цел, вели меѓу другото Лабудовиќ.

*Граѓаните најмногу ги интересира едно прашање – може ли Македонија сама да произведува доволно струја или уште долго ќе зависиме од увоз?

– Кога Македонија би стигнала да ги задоволува потребите за електрична енергија исклучиво од домашно производство, тоа би била границата од која нашата држава всушност започнува да станува и извозно ориентирана во овој сектор. Тоа е предизвик со кој се соочуваат многу развиени држави, кои со години напорно работат да ја постигнат таа цел.

За да го совладаме овој предизвик, клучни се два столба. Првиот е зголемување на инвестициите во капацитети за производство на електрична енергија – како државни, така и приватни. Како држава, во моментов активно работиме на ова прашање. Од една страна, тоа се реализира преку инвестициите што се спроведуваат во рамките на Електростопанство на Македонија (ЕСМ). Од друга страна, со новата легислатива – поточно со Законот за енергетика и Законот за користење на енергија од обновливи извори се уредуваат правилата на игра, се поедноставуваат и олеснуваат процедурите, но и се охрабруваат инвеститорите да вложуваат во нови капацитети за производство на електрична енергија токму од обновливи извори.

Вториот клучен сегмент е намалувањето на потрошувачката на електрична енергија, односно реализацијата на проекти за енергетска ефикасност. Во овој дел, како чекор од реформската агенда, веќе имаме донесено конкретни мерки според кои во рок од 3 години треба да се реновира одреден процент од јавните објекти за да станат енергетски ефикасни, дополнително се опфаќа и модернизација на уличното осветлување во општините, како и останати проекти кои овозможуваат паметно управување со потрошувачката.

Последната, но исто толку важна алка во овој процес е подигнувањето на свеста кај населението за потребата од рационална потрошувачка на електричната енергија. Дури кога целосно ќе го заокружиме овој пакет мерки, на долг рок ќе добиеме резултат кој ќе ни овозможи со право да кажеме дека државата станува извозно ориентирана во енергетскиот сектор.

Дека сме на вистинскиот пат покажуваат и бројките: со преземените мерки и активности од страна на министерството, но и со добриот менаџерски пристап на раководството на ЕСМ, имаме видливо намалување на увозот на електрична енергија и во 2025 и во 2026 година. Особено во оваа, 2026 година, компанијата и по вториот квартал бележи профит, додека од друга страна, хидроакумулациите стратешки ги одржува на високо ниво од 80% од вкупниот капацитет.

*Кога станува збор за нови инвестиции во енергетиката, како ќе се најде балансот меѓу економскиот развој и заштитата на животната средина? Дали едното мора да оди на сметка на другото?

– Секоја капитална инвестиција, особено во енергетскиот сектор, има директно влијание врз економскиот раст. Но, истовремено, изградбата на нови енергетски капацитети неминовно влијае и врз животната средина. На прашањето дали едното мора да оди на сметка на другото, мојот одговор е – НЕ, бидејќи може и мора да се најде соодветен компромис. Меѓутоа, имам чувство дека во јавноста честопати се применуваат двојни стандарди кога зборуваме за заштитата на околината.

Сведоци сме, како во текот на зимата во многу домаќинства се горат материјали кои воопшто не смеат да се горат. Тоа има масовно, директно и штетно влијание врз воздухот и околината што самите ја дишеме. Но, парадоксот се јавува кога државата ќе излезе со стратешки енергетски или инфраструктурен проект кој на долг рок треба да ја обезбеди одржливост на државата и да го подобри економскиот статус. Тогаш речиси редовно се соочуваме со сериозни антикампањи. Без разлика дали станува збор за регионален гасовод, нов енергетски капацитет, па дури и големи соларни и ветерни паркови или пак хидроцентрали – веднаш се отвораат жестоки дискусии при кои не се води сметка да се има доволни и точни информации, без претходно објективно да се согледаат целта и придобивките, и без реална анализа за вистинскиот степен на влијание врз околината.

Ако погледнеме наназад, развиените европски држави во повоениот период својот економски раст и индустријализација ги спроведуваа исклучително агресивно. Денес тие се енергетски и економски силни, па затоа можат да посветат огромни средства на заштитата на животната средина.

Ние, како држава, сè уште ја градиме нашата енергетска одржливост, но во целост ги следиме строгите правила на Европската Унија и сме обврзани да ги почитуваме највисоките еколошки стандарди при секоја нова инвестиција.

Тука доаѓаме до клучниот момент: од една страна, граѓаните со право бараат стабилна и евтина електрична енергија, повисоки плати, подобри патишта, по квалитетно здравство, поквалитетно образование и развиено стопанство. Но, од друга страна, мора да бидеме свесни дека за сето ова мора да има здрав енергетски и индустриски развој и прилив на средства во буџетот.

Затоа, балансот не само што е можен, туку е и задолжителен. Економскиот развој и заштитата на животната средина се две гранки кои можат и мораат да се усогласат преку паметно планирање. Доколку сакаме силна држава и сигурна енергетска иднина, мора внимателно да ги одбираме и одговорно да ги спроведуваме капиталните проекти, применувајќи ги најсовремените технологии кои го минимизираат влијанието врз животната средина.

* Често се зборува дека проблемот не е само во производството на струја, туку и во преносот и дистрибуцијата. Дали државата има план паралелно да ги модернизира ЕСМ, МЕПСО и дистрибутивната мрежа, за граѓаните да имаат посигурно снабдување?

– Едно со друго едноставно не оди. Кога развивате еден систем, мора паралелно да ги развивате и неговите „потсистеми“, условно кажано. Залудно е како држава да имаме огромно производство на електрична енергија, доколку преносниот систем не може да ја пренесе до посакуваната точка, а дистрибутивниот да ја дистрибуира до крајниот потрошувач.

Во Македонија имаме делови од преносниот систем кои не се обновувани и се стари по 50 или 60 години. Всушност, со новите инвестиции во производството, вие неминовно наидувате на одредена технолошка блокада во преносниот систем.

Но, она што се случува денес покажува сериозен пресврт: долго застанатата реализација на 400 kW далекувод од Битола, преку Охрид, до албанската граница е конечно откочена. Неговата изградба продолжува и очекуваме околу 30 месеци тој проект да биде целосно завршен, со што преку овој интерконектор енергетски се поврзуваме со Албанија. Воедно, новата 400 kW трансформаторска станица во Охрид е веќе во комплетно завршна фаза, а завршена е и тендерската процедура за изградба на новата 400 kW трафостаница во Млетково, во близина на Валандово.

Преносниот оператор МЕПСО има реално исконцепиран инвестициски план за модернизација и реконструкција на 110 kW. Целта е да се зголеми капацитетот на преносот на електрична енергија и да се овозможи прифаќање на сета енергија што се произведува и што е планирана да се произведува со годишните планови за инвестиции во обновливи извори.

Дополнително, дистрибутивната мрежа е во надлежност на ЕВН Македонија, компанија која исто така реализира годишни инвестиции за нејзин развој и зголемување на капацитетот, што беше особено важно во изминатиот период на масовни инвестиции во обновливи извори. Со новата легислатива – поточно Законот за енергетика и Законот за користење на енергија од обновливи извори – системски и законски го уредуваме и овој сегмент за мрежата да биде во функција на развојот

*Во сила е нова законска регулатива во енергетиката. Што тоа практично ќе значи за граѓаните и компаниите? Ќе донесе ли повеќе ред на пазарот или ќе создаде дополнителни административни пречки?

– Измената во легислативата во енергетскиот сектор всушност не претставуваше измена и дополнување на закони, туку реформа – направивме вистинска реформа во енергетскиот сектор. Со донесувањето на Законот за енергетика минатата година, Законот за користење на енергија од обновливи извори, Законот за енергетска ефикасност и ред други закони, всушност интензивно започнавме со усогласување на македонската регулатива со европската. Тоа е еден од почетоците преку кои започнуваме да го интегрираме македонскиот пазар со европскиот пазар.

Со легислативата се воспостави контрола во делот на инвестициите за нови капацитети за производство на електрична енергија, коишто претходно, односно целата таа изградба и инвестиции, беа на јуриш, без никаков план. Но, од 2025 година се започна со тој годишен план за инвестиции.

За првпат во легислативата беа внесени системите за складирање на електрична енергија. Дефинирано е формирањето на енергетски заедници, каде што едно село, група куќи, зграда или повеќе згради може да формираат енергетска заедница, којашто во рамките на својата заедница ќе може да ја користи произведената електрична енергија. На тој начин тие ќе произведуваат и ќе консумираат сопствена енергија, со што ќе ја намалат потрошувачката на електрична енергија што се зема директно од мрежата.

Дополнително, она што би ги интересирало граѓаните е дефинираниот термин „производител-потрошувач“, каде што индивидуални станбени објекти (најчесто куќи) или компании ќе можат за сопствена потрошувачка да произведуваат електрична енергија, а вишоците да ги продаваат или да ги предаваат во мрежата.

Со сите овие измени се дефинираат и се менуваат работи коишто ќе ги поедностават процесите, ќе ги олеснат работите и ќе овозможат инвестиции во различни области. Се дебирократизираат одредени процеси и се намалуваат одредени постапки, така што граѓаните веќе започнуваат да ги чувствуваат придобивките од изменетата легислатива. Сепак, за да се почувствува целиот тој пакет на измени, ќе треба одредено време.

Секогаш кога се прави одредена реформа, кај некои се наидува на одредени коментари. Бидејќи, како луѓе, нормално е да сме навикнати да функционираме во една средина под одредени услови, па кога ќе дојдат одредени промени или реформи, можеби тоа ни звучи дека ќе оди на полошо. Не, напротив, сите овие реформи се прават за поедноставување на процесите и верувам дека сите тие промени ќе бидат препознаени и поздравени од граѓаните.

Секој закон и секоја легислатива нормално е дека е жива материја, и доколку се утврдат некои недоследности, ние веднаш ќе реагираме. Тоа што би сакал да го нагласам и да го искоментирам е дека сите закони и сите правилници коишто досега излегоа како производ од Министерството се направени со домашни ресурси – со дел вработени во Министерството за енергетика, како и со дел македонски правници и експерти. Изработката на овие закони беше направена на многу транспарентен начин, каде што член по член беа разгледувани сите засегнати страни кои овие закони директно ги засегаат.

*Со години слушаме за големи енергетски проекти – Чебрен, когенеративни електрани, ветерни паркови, фотоволтаици. Кои од овие проекти конечно ќе почнат да се реализираат и кога граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките?

– Проектите од капитална вредност веќе не стојат во фиока – ги ставивме на маса и активно работиме на нивна реализација. Го поминавме прагот за почеток на реализацијата на една капитална инвестиција во државна сопственост за когенеративна гасна централа во Македонија. Изминатиот месец ЕСМ потпиша грант со Светска Банка за подготовка на техничката и тендерската документација. Планирано е оваа централа, со инсталирана моќност од над 200 мегавати, да биде изградена во близина на РЕК Битола до 2030-2032 година. Со тоа не само што ќе добиеме нов голем капацитет, туку паралелно ќе ја развиеме и топловодната мрежа за греење на Битола, што директно ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и ќе ја намали зависноста од користење на јаглен.

Што се однесува до Чебрен – проект за кој со децении само се зборуваше – одиме еден чекор понапред. Формирана е работна група составена од еминентни македонски експерти кои дадоа конкретно техничко решение. Сега ЕСМ е во интензивна комуникација со реномирани финансиски институции со цел да го најде најдоброто финансиско решение. Оваа инвестиција е од стратешка важност бидејќи, покрај за заокружување на хидропотенцијалот на реката Црна, Чебрен ќе ни обезбеди и непроценлив резервоар за вода – ресурс кој во иднина ќе биде од витално значење, а ќе помогне и за наводнување на Тиквешкото поле.

Паралелно, ЕСМ интензивно вложува и во обновливи извори на енергија. Веќе се работи на проекти за фотоволтаични централи со инсталирана моќност од околу 200 MW во Битола и Осломеј. Исто така, се заокружува проектот на Ветерниот парк „Богданци“ со нови ветротурбини, со што истиот парк ќе достигне инсталирана снага со вкупно 50 MW, а се изработува и студија за изградба на нов ветерен парк кај Миравци со капацитет од 100 до 150 MW.

Она што порано се гледаше со скепса, денес станува реалност. Оптимизмот е вратен. Во изминативе две години работите се помрднати од мртва точка благодарение на силната волја и посветеност на менаџмент тимовите во енергетскиот сектор за трансформација на енергетската слика на Македонија. Избрани сме на овие одговорни позиции за да понесеме одговорност и да носиме храбри одлуки за државата. Доколку бегавме од одговорноста, немаше да се инсталира ниту еден нов фотонапонски панел, а камо ли да се започне со реализација на вакви големи капитални инвестиции. Во моментот со државниот енергетски сектор менаџираат луѓе кои се подготвени товарот на овие промени да го изнесат до посакуваната цел.

*.Светот сè повеќе зборува за зелен хидроген и мали нуклеарни реактори. Дали ова се реални можности и за Македонија или засега остануваат само визија за иднината?

– Развојот на новите технологии не треба да нè плаши, ниту, пак, треба да гледаме со доза на несигурност или скепса кон нив. Како електроинженер и техничко лице, секогаш со голем професионален интерес ги следам глобалните иновации и не само во енергетиката. Сметам дека сите ние, со будно око, треба да го следиме тој напредок за да бидеме подготвени. Секоја нова технологија носи поедноставени оперативни процеси, долгорочни придобивки и, секако, зголемена ефикасност од која директна добробит на крајот имаат граѓаните и стопанството.

Меѓутоа, пред да прифатиме било каква нова технологија и да донесеме одлука за конкретна инвестиција, мора прво ние самите како институции и стручна јавност да го поседуваме соодветното знаење. Потребно е да посветиме сериозно време на едукација и аргументирано да им ги објасниме сите аспекти на граѓаните. Со тоа не само што ќе ја сузбиеме недовербата, туку и со конкретни факти ќе покажеме дека државата е подготвена – и со стручен кадар и со знаење.

Технички гледано, зелениот водород нуди огромни можности за флексибилност: од долгорочно складирање на енергија и производство на електрична енергија, преку горивни ќелии или хибридни гасни турбини, па сè до балансирање и поддршка на системската фреквенција. Денес во светот зелениот водород најмногу се развива токму за сезонско складирање на големите вишоци на електрична енергија произведени од сонце и ветер преку ден. Тоа е решение каде батериските системи, кои одлично служат за краткорочно балансирање од неколку часа, сеуште ги немаат потребните економски и технички перформанси за чување енергија на подолг рок.

Од друга страна, малите модуларни реактори претставуваат следната еволуциона фаза во нуклеарната индустрија, со стандардизирани модули од 30 до 300 MW. Сосема е разбирливо што кај голем дел од јавноста терминот „нуклеарен реактор“ сè уште асоцира на хаваријата во Чернобил од 1986 година. Но, од инженерски аспект, денешните пасивни заштитни системи и современи стандарди ја прават оваа технологија толку напредна што можноста за неконтролирана хаварија е речиси сведена на теоретски минимум. Дополнително, кај овие проекти, производителот на опремата со договор има дефинирана обврска по истекот на работниот век да го преземе и безбедно да го одложи искористеното гориво надвор од државата.

Затоа, мојата порака е дека за вистински развој не смееме да гледаме исклучиво назад и да ги ревитализираме само старите, дотраени капацитети, туку мора постојано да го анализираме она што го нуди светот. Моментално овие технологии сè уште се во фаза на интензивна комерцијализација и бараат сериозни финансиски ресурси, но со нивното созревање на пазарот, Македонија мора да биде подготвена со кадар и инфраструктура за да може да донесе издржана одлука за нивна евентуална примена во иднина.

* Една од најчестите дилеми кај граѓаните е дали со повеќе домашно производство на електрична енергија може да се очекуваат пониски сметки за струја. Колку е тоа реално?

– Сосема е природно и логично кога имате повеќе домашно производство, цените на електричната енергија за граѓаните да бидат пониски и подинамични. Тоа е, всушност, и нашата крајна цел: преку сериозни инвестиции драстично да го зголемиме домашното производство и целосно да ја прекинеме увозната зависност. Резултатите од овој пристап веќе се чувствуваат – како што напоменав, увозот на електрична енергија бележи драстично намалување од 2024 кон 2025 година, а тој позитивен тренд уште повеќе се засилува во 2026 година.

Но, за да стигнеме до системски и одржливо пониски сметки на долг рок, реалноста налага прво да ги реализираме сите овие капитални инвестиции. Народски кажано, мора прво да вложиме за после да ги собираме плодовите. Тоа е енергетската филозофија: државата прво мора да инвестира капитал во сопствени капацитети, за потоа граѓаните и стопанството да добијат стабилна, евтина и одржлива домашна енергија.

Покрај големите капитални проекти, овде мора да ги истакнам и поволностите овозможени со законските акти и Правилникот за потрошувачи-производители (просумери). Со него им овозможуваме на граѓаните и бизнисите да формираат енергетски заедници, но и директно да постават фотоволтаични системи – до 10 kW за домаќинствата и до 100 kW за индустриските објекти. Примарната цел на овие системи е задоволување на сопствените потреби за струја, но со можност сите вишоци произведена енергија да се предадат во мрежата. На тој начин, преку соодветна пресметка на вишоците, директно се намалуваат финалните сметки за енергија.

Очекувањата за пониски трошоци се сосема реални, но бараат трпение и доследно спроведување на овој целокупен инвестициски циклус.

*Што е најголемиот предизвик со кој се соочува Министерството во моментов – недостиг на инвестиции, долгите процедури, инфраструктурата или нешто друго?

Најголемиот предизвик беше да се изгради институција буквално од темел. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е најновото министерство, формирано во 2024 година. Започнавме само неколкумина, градејќи тим и систем од нула, без утврдени механизми и без институционалната меморија што ја имаат постарите институции.

Ова беше посебно сложено бидејќи јавноста, државата и бизнис-секторот со право очекуваа брзи и видливи резултати, честопати без целосен увид во почетните ресурси со кои располагавме. Токму затоа, како менаџмент вложивме исклучителни напори за да го компензираме тој почетен дефицит и да воспоставиме функционален систем за кратко време.

Клучот за успехот беше правилниот избор на стручни домашни кадри. Денес веќе сме сериозна и стабилна институција. Иако сè уште ги надминуваме оперативните пречки својствени за нов систем, квалитетот, знаењето и силната волја на нашиот тим ни овозможуваат стабилно да испорачуваме конкретни резултати.

*ЗНАМ е дел од владината коалиција. Колку сте задоволни од функционирањето на коалицијата и дали сите ветени проекти се реализираат со очекуваната динамика?

– Партнерскиот однос помеѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, кој го поставивме уште во 2024 година, се заснова врз искрен пристап, меѓусебна доверба и јасна одговорност пред граѓаните. Од самиот почеток не влеговме во власта ради власт, туку за да донесеме суштински промени. Донесовме заедничка владина програма и храбро влеговме во спроведување на реформите кои со години беа ставани под тепих.

Иако ЗНАМ е помалиот партнер во оваа коалиција, нашето учество и влијание се исклучително сериозни. Во првата фаза презедовме одговорност за два многу сложени ресори – Министерството за јавна администрација и Министерството за правда. Во нив започнавме системски реформи кои претходните политички гарнитури во изминатите 20 години едноставно немаа политичка волја ниту храброст да ги допрат.

Со реконструкцијата на Владата, нашиот фокус се проширува во уште еден животен сектор. Кадар од ЗНАМ го презеде Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ова за нас е од суштинско значење, бидејќи овозможува директна и постојана комуникација со земјоделците, сточарите, лозарите и сите производители на храна. Еден од нашите основни предизборни постулати беше токму создавањето на одржливо, модерно и конкурентно македонско земјоделство, каде што трудот на производителот конечно ќе биде соодветно вреднуван.

Довербата во политиката не се гради преку ноќ, ниту со зборови, туку со карактер и дела. Кога имате чесна и заедничка цел и кога двете партии доследно ги исполнуваат преземените обврски, динамиката на реализација на проектите е висока, а резултатите од тие реформи стануваат брзо и директно видливи за сите граѓани.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: Ѕвонко Плавевски

 

 

ИЗДВОЕНИ