среда, октомври 7, 2026
Дома СКОПСКА Булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до Нова година

Булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до Нова година

18

По 30 години чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно го добива ликот што го заслужуваат скопјани. Започна завршното асфалтирањето на другата коловозна лента на овој булевар. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, вели дека генерации скопјани чекале да се реши овој проблем.

– Повеќе од 100.000 граѓани секојдневно се соочуваа со гужви, нервози и изгубени часови во сообраќајот. Со години слушаа ветувања, а пред себе ја гледаа истата слика. Денес, таа слика ја менуваме со работа. Со асфалтирањето влегуваме во завршницата на оваа значајна сообраќајна делница – напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Тој најави дека до крајот на годината, скопјани ќе добијат целосно завршен, модерен и безбеден булевар.

Притоа, наведе дека за нешто повеќе од три месеци биле решени проблемите што со децении го кочеа овој проект.

– Ја ослободивме трасата, изградивме нова атмосферска канализација и сега поставуваме асфалт. Овој горлив проблем им беше познат на сите што претходно ја имаа одговорноста и можноста да го решат. Но, со децении изостануваше решителноста да се оди докрај. Граѓаните ја плаќаа цената на секое одложување, на секое оправдување и на секое неисполнето ветување. Презедовме обврска да ставиме крај на тоа чекање и денес, на терен, покажуваме дека зборот за нас има тежина – нагласи Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ