Инвестициите во железничката инфраструктура се реализираат според предвидената динамика, а во наредниот период се очекува интензивирање на активностите на терен, информира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој посочи дека веќе е објавен тендерот за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија, која ја опфаќа најкомплицираната делница од Крива Паланка до меѓуграничниот тунел. Тендерската постапка е објавена преку официјалниот систем за јавни набавки на Европската Унија.

Рокот за доставување понуди е четири месеци и истекува на 20 јануари, по што следува евалуација која, според очекувањата на Николоски, би траела околу 90 дена. Изборот на изведувач се очекува кон крајот на април, а почетокот на градежните работи е планиран за мај или јуни.

Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка, според министерот треба да биде завршена до 2028 година. Досега се реализирани околу 40 проценти од работите, со месечна динамика од 2 до 2,5 проценти. Со завршувањето на делницата се очекува да биде воспоставен меѓуградски железнички превоз на релацијата Скопје–Куманово–Крива Паланка.

Во однос на брзата пруга на Коридор 10, Николоски информираше дека шесте потребни студии се завршени во рок. Следуваат избор на заемодавател и изведувач, а активностите на терен се очекуваат во март или април следната година. Тој најави дека проектот ќе биде финансиран со најниска камата во регионот, како и најниска камата досега за инфраструктурен проект во земјава.

ИЗДВОЕНИ