За Коридорот 8 се разговарало на форумот посветен на клучни патни проекти во Југозападна Бугарија, организиран од локалната филијала на Бугарската стопанска комора во партнерство со Кластерот за зелен транспорт, што во понеделникот се одржа во бугарскиот пограничен град Ќустендил.
Според бугарските медиуми, било потенцирано дека Македонија е поврзувачката алка на овој коридор, кој се протега од бугарските пристаништа на Црно Море до пристаништето Драч во Албанија. Претседателот на парламентарната комисија за транспорт на Бугарија, Кирил Добрев, потенцирал Македонија да прави напори за активности на Коридорот 8, та аа се фокусира на Коридорот 10.
Добрев истакнал дека преку германскиот амбасадор се врши политички притисок врз владата во Македонија да го изгради железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.
– Албанија постигна напредок со изградбата на нејзиниот дел, но меѓународна новинарска истрага покажува дека Албанија практично ништо не прави за модернизација на својата железничка инфраструктура, која останува споменик од комунистичката ера. Иако со бавно темпо, Северна Македонија ја модернизира својата железничка линија кон Бугарија и го проширува патот низ Крива Паланка до Ѓуешево – објави бугарски „Медиапул“.
Оттаму велат дека Бугарија ја одложила модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир, која е електрифицирана, но дека воопшто не се зборувало за железничката линија Радомир – Ќустендил – Ѓуешево, која не е електрифицирана и возовите моментално се движат со брзина од 30 километри на час. Исто така не е изградена ни пруга од последното бугарско село Ѓуешево до границата со Македонија во должина од околу 2,5 километри.
Инаку, проектот „брза пруга“ на Коридорот 10 беше ставен на дневниот ред на денешната седница на Владата и според информациите на весникот ВЕЧЕР се очекува утре министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, да ја информира јавноста со повеќе детали.
Претходно, Николоски најави дека иницијалниот проект за брза пруга од Гевгелија до Табановце треба да биде испратен во Владата, која треба да формира Координативно тело за реализација на Договорот меѓу Македонија и Велика Британија во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. Врз основа на писмото на Министерство за транспорт, Владата треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање на проектот. Потоа Министерството за финансии низ транспарентен процес треба да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции.
Најдобрата понуда ќе биде прифатена по што ќе следува избор на изведувач преку домашниот Закон за јавни набавки.
Пругата од Гевгелија до Табановце е дел од Коридорот 10, и се смета за значајна транспортна предност на Македонија. Доколку земјата ја постигне целта преземена со планот за пораст – 327 илјади тони превезена роба по километар, во таков случај само од транзит треба да добива од 100 до 120 милиони евра годишно, што значи дека инвестицијата во пругата ќе се врати.
(С.Бл.)