
Сер Џим Ратклиф, ко-сопственик на Манчестер Јунајтед, предизвика голем револт со контроверзните изјави за имиграцијата во интервју за Скај њуз. Сопственикот на INEOS тврдеше дека Велика Британија се соочува со значителни предизвици и во истото интервју призна дека неговите потези го направиле непопуларен на „Олд Трафорд“.
Во разговор за Скај њуз, Ратклиф го изнесе шокантното тврдење дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“. „Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромен број имигранти кои доаѓаат“, рече тој и додаде:
„Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу. Велика Британија е колонизирана од имигранти, нели? Населението беше 58 милиони во 2020 година, сега е 70 милиони. Тоа се 12 милиони луѓе“.
Сепак, бројките на Ратклиф не се точни. Според Канцеларијата за национална статистика, населението на Велика Британија броело 67 милиони во средината на 2020 година, додека проценката била дека ќе достигне 70 милиони до 2024 година. Последната година кога тврдењето на Ратклиф од 58 милиони би било приближно точно беше 2000 година, кога Велика Британија имаше 58,9 милиони луѓе.
Ратклиф, исто така, ја изрази својата поддршка за лидерот на Реформската партија, Најџел Фараж. „Мислам дека Најџел е интелигентен човек со добри намери. Но, на некој начин, истото може да се каже и за Кир Стармер. Мислам дека ви е потребен некој што е подготвен да биде непопуларен некое време за да ги реши големите проблеми“, изјави Ретклиф кој живее во Монако.
Ко-сопственикот на Јунајтед спроведе драстични мерки за намалување на трошоците на „Олд Трафорд“, поради што многу вработени ги загубија своите работни места, во време кога клубот троши милиони за трансфери на играчи. За својата популарност во клубот, тој рече: „Видов многу такви работи во фудбалски клуб. Ако ги правите тешките работи, а ние сметавме дека мора да ги правиме во Манчестер Јунајтед… сметавме дека е правилно да се направи. Но, потоа станувате многу непопуларни некое време.“
„Бев многу непопуларен во Манчестер Јунајтед затоа што направивме многу промени. Но, на подобро, мислам. И мислам дека почнуваме да гледаме докази во клубот дека тоа се исплати“, додаде тој и продолжи:
„Ист е проблемот и со државата. Ако навистина сакате да се справите со клучните прашања за имиграцијата, со луѓе кои избираат социјална помош пред работа, ќе мора да преземете некои непопуларни чекори и да покажете храброст.“
Сосема очекувано навивачите брзо се свртеа против Ратклиф поради неговите коментари.
„Странците во неговиот тим ќе го обожаваат. Каков идиот.“ „Замислете мигрант од Монако кој избегнува данок, зборувајќи целосни глупости и погрешно претставувајќи факти и бројки. Сега е јасно колку му беше грижа за лојалниот и вреден персонал во Јунајтед, од кои некои работеле таму со децении. Човекот е ѓубре!“. „Се жали на премногу луѓе кои примаат социјална помош, а сепак самиот отпушти 450 луѓе за две години во Јунајтед! Тој живее во странство, во даночните рајови Монако и Швајцарија. Јунајтед е исто така во американска сопственост. Каде е логиката?“. „Слава му на Бога што Сер Грим не живее тука тогаш! Ужасни коментари.“. „Мозокот на Џим е колонизиран со каша.“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.











