Британците почнаа панично да купуваат бензин поради војната на Блискиот Исток, со долги редици на бензинските пумпи во Лондон и низ цела Велика Британија, брзајќи да наполнат гориво пред очекуваниот скок на цените на горивата.
Бензинските пумпи во Бекенам, јужен Лондон, привремено останаа без гориво, а многу возачи пристигнуваа со канистери за да се снабдат за подолг временски период.
Стравот од недостиг на гориво е забележлив и во други градови во Велика Британија, објавија британските медиуми.
Претставниците на британската автомобилска асоцијација АА ги повикаа возачите да не паничат и да не купуваат гориво во големи количини, но голем број граѓани го игнорираа овој апел. Вработените на бензинските пумпи во Велика Британија пријавуваат застој и хаотично снабдување.
Ситуацијата беше предизвикана од разгорувањето на конфликтот на Блискиот Исток, по што компаниите привремено го прекинаа транспортот на бродови преку Ормускиот Теснец, кој е клучен пат за глобалниот транспорт на нафта и на течен природен гас. Околу 20 проценти од светската нафта и 25 проценти од течниот гас минуваат по оваа маршрута, а блокадата или прекинот на транспортот веднаш влијае на цените на енергетските производи.
Аналитичарите предупредуваат дека долгорочната блокада на Ормускиот Теснец може да предизвика хаос на европскиот пазар на гас и драстичен пораст на цените.
Експертите заклучуваат дека продолжувањето на конфликтот може да предизвика инфлаторни шокови, не само преку енергијата туку и преку дистрибуцијата на стоките и на трошоците за транспорт.












