Главниот советник на Трамп за трговија Питер Наваро, им порача на новинарите пред Белата куќа дека британските потрошувачи ќе го обожаваат пилешкото и говедското месо увезено од САД и покрај употребата на хлор и хормони.
„Ќе видиме што ќе одлучи пазарот“, рече Наваро кога беше прашан за долгогодишната загриженост во Велика Британија за безбедноста на американското хлорирано пилешко месо и говедското месо третирано со хормони.
„Нашиот став е, и отсекогаш бил, дека санитарните стандарди се само лажна алатка што се користи за потиснување на она што е многу добар американски земјоделски производ“, нагласи Наваро.
Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер вчера потврдија дека е постигнат трговски договор меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство. Една од клучните одредби на договорот се однесува на овозможување отворен пристап за американските земјоделски производи до британскиот пазар.
Премиерот на Велика Британија инсистира дека нема да се „намалат стандардите за увоз на храна во Велика Британија“ според договорот.
Инаку производите како што се хлорирано пилешко и говедско месо третирано со хормони, кои се вообичаени во американската прехранбена индустрија, се забранети во Велика Британија. Хлорирањето на пилешкото месо е контроверзен метод на чистење заради убивање на бактерии. Иако доказите сугерираат дека самото миење со хлор не е штетно, критичарите тврдат дека третирањето на пилешкото месо со хемикалија овозможува полоша хигиена во пораните фази од процесот на производство.