петок, септември 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Рајанер“ најавува значително поскапи авионски билети

„Рајанер“ најавува значително поскапи авионски билети

9

Раководството на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ (Ryanair) очекува значителен пораст на цените на авионските билети за претстојната летна сезона, како последица на повисоките цени на нафтата предизвикани од војната на Блискиот Исток. Истовремено, компанијата го намали планираниот број на летови за наредната година.

Мајкл О’Лири, извршен директор на најголемата европска нискобуџетна авиокомпанија, изјави за новинарите во Лондон дека цените на летовите „се движат само во една насока, а тоа е значително нагоре“.

„Верувам дека цените на билетите за нашите патници и за сите други патници значително ќе пораснат до летото 2027 година поради многу повисоките цени на нафтата“, рече О’Лири, како што пренесе SEEbiz, повикувајќи се на германската новинска агенција DPA.

„Рајанер“ го намалува планираниот број на летови

Според него, „Рајанер“ веќе го намали планираниот број на летови за наредната година во обид да ја намали потрошувачката на гориво во текот на зимскиот период.

„Оваа година имаме фиксна цена на горивото од околу 80 долари за барел. Ако договориме цена од 100 долари за барел за следната година, нашите трошоци за гориво ќе се зголемат за 25 проценти“, објасни О’Лири.

Тоа би значело дека годишните трошоци за гориво во 2027 година би можеле да достигнат приближно 7,5 милијарди долари.

Авиокомпанијата претходно предупреди дека нејзините конкуренти би можеле да се соочат со тешкотии во одржувањето на капацитетите, па дури и во опстанокот на пазарот, доколку цените на нафтата останат на толку високи нивоа. Раст на цените на горивото

Според податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), просечната глобална цена на авионското гориво минатата недела пораснала за 7,4 проценти во споредба со претходната недела, достигнувајќи 194,90 долари за барел.

Војната на Блискиот Исток, која влијае врз цените на горивото и авионските билети, веќе имаше влијание врз работењето на „Рајанер“.

Во првиот квартал од тековната фискална година – кој опфаќа период од април до јуни – компанијата оствари нето-добивка од 538 милиони евра, што претставува пад од 34 проценти во споредба со истиот период минатата година. „Оперативните трошоци пораснаа за 11 отсто, на 3,8 милијарди евра, бидејќи цената на онаа една петтина од горивото за авиони што не беше однапред заштитена од ценовни флуктуации, повеќе од двојно се зголеми во текот на првиот квартал“, изјави О’Лири во претходно соопштение за деловните резултати, како што пренесе Seebiz.

ИЗДВОЕНИ