Од март 2027 година Македонија ќе добие директна авиолинија со Дубаи, а во тек се разговори и за воспоставување директна воздушна врска меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати. Според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директната линија Дубаи-Скопје е веќе договорена.
– Се договоривме дека со почетокот на новата сезона на летање, односно од март месец 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Значи ќе имаме директен авионски лет којшто ќе лета Дубаи – Скопје – изјави Николоски.
Според него, воспоставувањето на директната авиолинија ќе има значење и за туристичкиот сектор, особено во периодот надвор од летната сезона.
– Тоа многу ќе придонесе за зголемување на туризмот и тоа во оној период којшто во Македонија е вонсезонски, односно во период којшто е надвор од летото – рече министерот за транспорт.

Покрај линијата до Скопје, во тек се разговори за воспоставување директен лет до Охрид. Како можни дестинации се разгледуваат Абу Даби или Шарџа.
– Втората работа којашто можам да кажам дека е сè уште во дискусија, би рекол дека е многу извесно дека ќе ја договориме, тоа е директен лет помеѓу еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати, дали ќе е Абу Даби, дали ќе е Шарџа, до Охрид, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот – истакна Николоски.
Тој додаде дека за директното авионско поврзување со Обединетите Арапски Емирати било разговарано на денешната средба со амбасадорот на ОАЕ во Македонија, одржана во Собранието. Николоски оцени дека воздушното поврзување ќе придонесе и за развој на деловните односи меѓу двете земји.
– Она што сакам да го објавам после средбата со амбасадорот е дека имавме конкретна работа за која што зборувавме, а тоа е директно авионско поврзување помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот и на бизнисот помеѓу двете држави – рече тој.
Николоски информираше дека една од договорените мерки — безвизниот режим меѓу Македонија и ОАЕ — веќе е реализирана.
– Првата е веќе реализирана, тоа е безвизен режим, односно веќе помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати се патува без визи, што е многу значајно, особено во делот на туризмот и размена на бизнисот – посочи Николоски.
Тој информираше и дека се разговара за потенцијални инвестиции, додека македонски компании веќе започнуваат со извоз на производи на пазарот во ОАЕ.
– Доста македонски компании веќе почнуваат да извезуваат во Обединетите Арапски Емирати како место коешто станува центар во моментов на она што се вика претставување, пред сè во делот на саемите – рече Николоски.
Според него, Обединетите Арапски Емирати сè повеќе се наметнуваат како регионален центар за меѓународни саеми и деловни настани, што дополнително ја зголемува важноста на директните воздушни врски меѓу двете земји.
(С.Бл.)












