Европската комисија планира да пренамени дел од средствата од Фондот за реформи и раст за Западен Балкан кон земјите што остваруваат најбрз напредок на патот кон Европската Унија – Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, дознава „Еуроњуз“ од двајца европски претставници.
Станува збор за финансиски инструмент вреден шест милијарди евра, лансиран во 2024 година, кој има за цел да ги охрабри земјите-кандидатки да ги спроведат реформите потребни за членство во ЕУ.
Средствата се доделуваат само ако земјите ги исполнат претходно договорените реформи во предвидените рокови.
Според Европската комисија, од вкупно шест милијарди евра, досега се исплатени само околу 673 милиони евра, а речиси сите тие пари завршиле само во три земји – Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Овие земји во моментов се сметаат за најнапредни кандидати за членство благодарение на реформите што ги спроведоа.
Од друга страна, Босна и Херцеговина, Косово и Србија заостануваат во исполнувањето на своите обврски, поради што би можеле да останат без дел од планираните средства.
Правилата на Фондот предвидуваат дека Европската комисија може да ги суспендира исплатите или да ги пренамени средствата ако земјата не ги спроведе реформите до договорениот рок.
За повеќето реформи, земјите имаат една година да ги исполнат барањата, додека за првата година од програмата рокот беше продолжен на две години. Првиот важен рок истече на крајот на јуни.
Портпаролот на Европската комисија потврди за Еуроњуз дека регулативата дозволува пренамена на средствата на други корисници ако реформите не се спроведени дури и по дополнителниот рок.
„Како што е предвидено во регулативата, ако реформите не се спроведени дури и по завршувањето на преодниот период, соодветните средства може да се пренаменат кај други корисници“, соопшти Комисијата.
Додаде дека Европската комисија сега ќе спроведе „сеопфатна и објективна проценка“ на перформансите на сите земји од Западен Балкан.
Според Еуроњуз, најголем губитник може да биде Босна и Херцеговина, која досега не добила никакви исплати од овој фонд, главно затоа што не имплементирала ниту една од планираните реформи. Причината е сложената институционална структура на земјата.
Србија и Косово исто така не ги исполнија очекувањата, иако претходно добија дел од средствата, па затоа би можеле да изгубат и дел од парите што првично им беа наменети.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, ги предупреди земјите од Западен Балкан во април да ги забрзаат реформите или ризикуваат да изгубат средства од Планот за раст.
Европските претставници нагласуваат дека не станува збор за казнување на земјите, туку за систем на финансиски стимулации.
„Тоа е како да работите на час. Платени сте само за работата што всушност ја работите“, изјави еден европски претставник за „Еуроњуз“, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Се очекува Европската комисија да ги информира земјите-членки во јули колку пари ќе бидат прераспределени и на кого.
Опциите што се разгледуваат вклучуваат распределба на дополнителните средства на најуспешните кандидати, нивно користење за техничка помош на сите земји од Западен Балкан, нивно префрлање во други земји-кандидатки надвор од регионот, па дури и нивно враќање во буџетот на ЕУ.
Портпаролот на Комисијата рече дека реформите мора да останат приоритет.












