Руската амбасада во Стокхолм повторно беше цел на беспилотни летала, а според дипломатската мисија, едното од нив исфрлило црвена боја, додека другото паднало во комплексот на амбасадата со импровизирана експлозивна направа.
– На 2 јули 2026 година, околу 2:00 часот наутро, Руската амбасада во Шведска повторно беше цел на беспилотни летала. Еден квадрокоптер исфрлил кофа со црвена боја на територијата на дипломатската мисија, додека вториот дрон, на кој била прикачена импровизирана експлозивна направа, се урна, очигледно не случајно, во комплексот на амбасадата, во непосредна близина на зградата – објави руската дипломатска мисија.
Од амбасадата порачаа дека овие настани ги гледаат не само како провокација, туку и како обид за притисок врз вработените.
– Ова не е само провокација, туку отворен обид за заплашување на вработените во руската мисија. Да бидеме јасни: ова нема да функционира – се наведува во објавата на дипломатската мисија на нејзиниот канал на Телеграм.
Ова не е прв пат руската мисија во Шведска да биде изложена на слични инциденти. Во септември минатата година, дрон фрли пластична кеса полна со боја врз амбасадата.
Според амбасадата, во 2025 година имало повеќе од десетина инциденти каде што дроновите фрлиле конзерви со боја врз дипломатскиот комплекс. Тие велат дека цел на напади биле и областа во близина на станбени згради и училиште поврзано со амбасадата. Во некои случаи, користени се стаклени садови кои можеле да предизвикаат повреди, а сторителите на овие инциденти до ден-денес не се идентификувани.












