Лажни пораки за поставени бомби испратени на електронската пошта на МВР изминатиов период „испразнија“ три трговски центри. Во саботата вечерта беше евакуиран „Сити мол“, а минатата недела и „Дајмонд“ и Ист гејт“. Полицијата, од каде по проверките на терен соопшти дека во сите случаеви се работи за лажни дојави, мораше да ги спроведе безбедносните протоколи. Полицајците го испразнија трговскиот во Карпош, дојде пожарната и возилото на Брзата помош. Вработени во единицата за антитероризам, го проверија објектот и не нејадоа ништо експлозивно.
Безбедносните експерти што ги контактираше весникот Вечер велат дека не е случајно кога за кратко време има повеќе дојави – на пример во неколку трговски центри или училишта. „Сличниот начин на испраќање, истата или слична содржина на пораките и временската блискост упатуваат дека зад нив може да стои координирана активност. Тоа не мора да значи организирана криминална група во класична смисла, туку може да биде и неформална мрежа или поединци кои се договараат преку интернет, вели нашиот соговорник.
Целта на ваквите координирани дојави е да се активираат институциите, да се евакуираат објекти и да се создаде чувство на несигурност кај граѓаните.
„Во пракса, ваквите бранови на дојави се гледаат како форма на притисок врз системот – полицијата и службите мора да реагираат како заканата да е реална, што значи ангажман на ресурси, прекин на нормалното функционирање и ширење страв. Токму затоа, и кога се лажни, тие се третираат како сериозен безбедносен предизвик, вели поранешен вработен во безбедносните служби.
Експертите велат дека иако тешко, сепак ваквите испраќачи можат да се откријат. Полицијата, во соработка со интернет-провајдери и меѓународни служби, може да ги следи тие траги и да дојде до изворот. Проблемот е што сторителите често користат: лажни или привремени е-мејл адреси, VPN или прокси-сервери (за прикривање на локацијата) и сервиси од странство, што ја отежнува истрагата. (П.А.)












