Пратка со 576 картони кисело млеко од Македонија не добила дозвола за влез во Бугарија поради несовпаѓања меѓу придружната документација и ознаките на производите. Бугарските инспекциски служби запреле пратка со повеќе од два тона кисело млеко од Македонија на граничниот премин Ѓуешево, при редовна контрола спроведена од инспектори на Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ).

Според официјалните информации на бугарската агенција, пратката содржела 576 картони со по 20 пакувања кисело млеко. При физичката и документациската проверка, инспекторите утврдиле дека податоците наведени во официјалниот сертификат за квалитет не се совпаѓале со ознаките отпечатени на амбалажата на производите.

Поради утврдените несовпаѓања во документацијата, на пратката не ѝ била издадена дозвола за увоз во Бугарија. Производите биле вратени назад кај македонскиот испраќач уште истиот ден.

Од Бугарската агенција за безбедност на храната наведуваат дека контролите на граничните премини се спроведуваат согласно со регулативите на Европската Унија, со цел на пазарот да не се пласираат производи што не ги исполнуваат пропишаните услови и барања.

Во конкретниот случај, според бугарските власти, причината за враќањето на пратката биле утврдените несогласувања во придружната документација, а не е наведено дека при контролата било утврдено присуство на штетни или небезбедни материи во производот.

 

ИЗДВОЕНИ