Пожарникарите од Кавадарци, со поддршка од екипите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), продолжуваат со интензивни активности за целосно локализирање на пожарот што избувна кај кавадаречката депонија.
Во текот на денот огнот во еден момент се проширил надвор од границите на депонијата, но со брзата интервенција на противпожарните екипи бил ставен под контрола. На тој начин биле заштитени и околните лозови насади.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека пожарникарите во текот на попладнето истурале големи количества вода врз опожарената површина. Дополнително, ангажирани се и два БТР-а на ДЗС, чии водени топови со домет од околу 100 метри дејствуваат директно врз жариштето.
Иако пожарот е делумно изгаснат, во внатрешноста на депонијата сè уште има тлеење, поради што се создава чад. Бидејќи гаснењето само со вода не е доволно ефикасно, започнато е постепено затрупување на депонијата со земја.
Во моментов ветерот го носи чадот во спротивна насока од Кавадарци, со што се намалува ризикот од дополнително загадување на воздухот во градот.
Се очекува во текот на ноќта депонијата целосно да биде покриена со земја, со што тлеењето и чадењето би требало да се сведат на минимум.












