Македонскиот кајак спуст забележа значаен успех на денешниот натпревар од Европскиот куп, кој се одржа на реката Moll во Обервилах.
Во јуниорска конкуренција, Благој Гугинов од ККК „Арка-Борец“ го освои првото место, триумфирајќи во конкуренција од 25 натпреварувачи од 9 европски земји. Со овој резултат, Гугинов уште еднаш го потврди својот квалитет и потенцијал, продолжувајќи го успешниот настап на меѓународната сцена и најавувајќи уште поголеми резултати во иднина.
Во сениорска конкуренција, Љубомир Спасиќ го освои 17. место од вкупно 33 натпреварувачи, во силна меѓународна конкуренција. Денешните резултати се уште една потврда за континуираниот развој и квалитет на македонскиот кајак спуст.
Во изминатите четири години, македонските репрезентативци, предводени и од натпреварувачите на ККК „Арка-Борец“, бележат континуирано присуство и резултати на највисоките европски и светски натпревари.
Успехот на Гугинов во Обервилах претставува значаен резултат за македонскиот спорт и уште една потврда дека Македонија има млади кајакари со потенцијал за идни големи меѓународни достигнувања.











