вторник, јули 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бившите челници во ФФМ број еден корупциски скандал

Бившите челници во ФФМ број еден корупциски скандал

„Матни“ случаи и „бистри“ истраги на Транспаренси

0

Корупциски истраги за милионски злоупотреби, ревизии со алармантни наоди и институционални пропусти го одбележаа јуни. Во исто време, имаше и неколку случаи во кои институциите презедоа конкретни чекори против злоупотребите.  Ова е оценката во најновата анализа на „Бистро-Матно“ на Транспаренси Интернешнл – Македонија, кое ги сумира најзначајните „матни“ и „бистри“ настани поврзани со корупцијата во текот на јуни.

На листата на „матни“ случаи се најде истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за наводна проневера од околу три милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија. Во предметот се опфатени 18 физички и осум правни лица, меѓу кои и поранешните претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини, како и поранешната сметководителка Олгица Младеноска. Според сомнежите, во периодот од 2015 до 2019 година биле потпишани стотици налози преку кои биле реализирани незаконски исплати, а обвинителството побара притвор за осум лица.

Меѓу најзначајните случаи е и кривичната пријава против поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев. Финансиската полиција го сомничи дека заедно со други лица местел тендер за одржување на хигиената на граничните премини, при што, според пријавата, било побарано и примено мито од 1.800 евра. Осомничените се товарат за злоупотреба на постапка за јавна набавка, примање и давање поткуп, како и за противзаконито постапување.

Во извештајот се издвојуваат и повеќе ревизорски наоди кои укажуваат на системски слабости во работењето на институциите. Државниот завод за ревизија утврдил недостатоци во системот за остварување и исплата на правата од социјална заштита, оценувајќи дека постојат законски неусогласености и недоволно ефикасна размена на податоци, што може да влијае врз еднаквата примена на правата. Ревизорите констатирале неправилности и во Институтот за јавно здравје, каде што се утврдени слабости во финансиското работење, ненаплатени побарувања, спорни исплати и медицинска опрема која не била ставена во функција. Сериозни забелешки има и за Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Според ревизијата, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет добивале целосни месечни надоместоци без оглед на присуството на седници, а доцнењето на обуката за осмата генерација кандидати предизвикало дополнителни финансиски трошоци.

Како пример за нефункционалноста на правосудниот систем, Транспаренси го наведува и случајот „Изгрев“, кој заврши со правосилна ослободителна пресуда по 18 години судска постапка. Во извештајот се посочува дека обвинетите поминале речиси две децении низ судските лавиринти пред конечно да бидат ослободени од обвиненијата.

Во категоријата „матни“ се најде и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое анализирало спорни јавни набавки. Меѓу наодите се издвојуваат дека граѓаните во изминатите пет години платиле околу 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година, дека Министерството за надворешни работи однапред исплатило средства за евакуациски летови над законски дозволениот лимит, како и дека базенот во Општина Чаир шест месеци бил прикажуван како завршен иако тоа не било случај.

Од друга страна, во категоријата „бистри“ настани Транспаренси ги издвојува случаите во кои институциите реагирале или презеле конкретни мерки.

Министерството за животна средина, по реакциите на граѓанските организации, повторно ќе ги објавува инспекциските извештаи за загадувачите, враќајќи ја практиката на јавно информирање за инспекциските контроли. Позитивно е оценета и кривичната пријава против поранешниот градоначалник на Свети Николе, кој е осомничен дека незаконски издал одобрение за градење кое не било евидентирано во електронскиот систем на општината. Во извештајот е вклучен и случајот со полициски службеник против кого е поднесена кривична пријава поради сомнение дека примил поткуп за да овозможи премин на украдено возило преку државната граница.

Според Транспаренси Интернешнл – Македонија, „Бистро-Матно“ останува месечен показател за состојбите во борбата против корупцијата, при што целта е да се следи не само појавата на коруптивни случаи, туку и реакцијата на институциите и нивната подготвеност да обезбедат отчетност и владеење на правото. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ