четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  Битола останува еден од приоритетите на Владата

 Битола останува еден од приоритетите на Владата

1

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата продолжува со реализација на инфраструктурни проекти низ државата, нагласувајќи дека Битола останува еден од приоритетите во владината агенда.

При денешната посета на Битола, тој истакна дека Владата е фокусирана на исполнување на ветените проекти и на постепено решавање на долгогодишните проблеми.

– Продолжуваме да бидеме посветени на испорачувањето проекти, што е еден од нашите врвни приоритети. Во изминатите децении се направени многу пропусти, но работиме по приоритети, еден по еден, без да создаваме нови проблеми – рече Мицкоски.

Тој призна дека во процесот на работа може да се случат и грешки, но потенцираше дека не се намерни тие.

– Не греши само оној што ништо не работи. Се извинувам однапред за секоја евентуална грешка. Ќе се трудиме таквите ситуации да бидат сè поретки, а кога ќе се случат, навреме да ги исправиме – истакна премиерот.

Тој повтори дека градот ќе остане меѓу приоритетите на Владата и најави продолжување на инвестициите во патната инфраструктура.

– Автопатот што ќе ги поврзе Битола и Прилеп се гради со забрзано темпо. Истовремено, сериозно размислуваме и за експресно поврзување на Битола со граничниот премин Меџитлија, проект што ќе го забрза сообраќајот и ќе го намали метежот во градот – рече Мицкоски.

Тој порача дека Владата ќе продолжи да работи на проекти што, како што нагласи, ќе придонесат Македонија да стане подобро место за живеење.

 

ИЗДВОЕНИ