Веб-сајтот timeout.com, за кој работат локални новинари и експерти и кој е дел од компанијата „Time Out“, основана уште во 1968, во Лондон, објави статија со наслов „Најпотценетите дестинации во Европа за 2026 година – скриени бисери подалеку од толпите“. На оваа листа, од предложените 24 локации, Битола се наоѓа на четвртото место, како прекрасна дестинација за голем број посетители, кои може да уживаат во прекрасната архитектура и да ја почувствуваат историјата, која блеска од секој агол.
– Токму ваквиот контекст со кој Битола станува европски и светски препознатлива е потврда за оправданоста на инвестициите со кои локалната самоуправа неодамна инвестираше во осветлувањето на најпознатата и најамбиентална улица во Битола – Широк сокак – соопштија од Општина Битола.
Исто така, оваа локална самоуправа по 10 години, во 2023 година, изготви нова стратегија за локален економски развој, со која беа детектирани сите недостатоци и потреби за економски и за туристички напредок на Битола, вклучувајќи и инвестиции во потпелистерјето, кои се од голема важност за промоција на Битола како туристичка дестинација.
– Овој стратешки документ во значителна мера придонесе за воочување на голем број проблеми на терен, за кои претходно недостигаа податоци, што подразбира изработка на нови и измени и дополнување на затечените проектни документации – потенцираат од локалната самоуправа.
Притоа додаваат дека ваквите објави, кои ја промовираат Битола во нејзиното најдобро светло, истакнувајќи ги убавината на нејзината архитектура и пелистерското богатство, претставуваат силен мотив за нови инвестиции, дури и кога тоа подразбира повеќегодишна и макотрпна работа.












