недела, ноември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сексуалното образование се враќа како „Здравје и заштита на здравјето“

Сексуалното образование се враќа како „Здравје и заштита на здравјето“

По повлекувањето и ревизијата на наставната програма

212

Бирото за развој на образованието, на својата официјална интернет-страница, ја објави ревидираната програма за сеопфатно сексуално образование, која сега го носи името „Здравје и заштита на здравјето“. Во новата верзија се отстранети термините „сексуално образование“, „род“ и „сексуални права“ од називите на темите и од наставните единици. Темата „Род и родова рамноправност“ сега е именувана само „Рамноправност“, а лекцијата за родовата еднаквост, родовите стереотипи, дискриминацијата и за сексизмот е заменета со лекција за стереотипите, предрасудите и за дискриминацијата. „Сексуално и репродуктивно здравје“ е преименувана во „Репродуктивно здравје“, додека темата „Сексуални и репродуктивни права“ сега се вика „Права и одговорности поврзани со здравјето“. Во лекцијата за бременоста повеќе не се споменува контрацепцијата во насловот, туку „заштита од несакана бременост“. Сепак, методите на контрацепција и понатаму се присутни во наставните цели на новата програма.

Од Министерството за образование, за емисијата „360 степени“, изјавиле дека се направени измените по анализа на јавното и на стручното мислење, вклучително и забелешките на Комората на психолози, а не по реакција на претставниците на верска заедница. Според нив, суштината на предметот останува иста: едукација на младите за заштита на личното здравје.

Изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование беше повлечен на почетокот од септември откако епископот Јаков Стобиски упати отворено писмо до министерката Весна Јаневска, критикувајќи ги програмата и нејзините содржини поврзани со родот и со родовата еднаквост. Јаневска на 9 септември соопшти дека се повлекува програмата за да биде направена длабинска ревизија по барање на јавноста. Тогаш таа изјави дека лично ја прочитала програмата и дека не гледа ништо спорно во неа, но дека Бирото за развој на образованието ќе ја разгледа заедно со стручни лица. По ревизијата, предметот е вратен под ново име и со изменети формулации.

ИЗДВОЕНИ