среда, јуни 24, 2026
Дома СВЕТ Бил Гејтс пред Конгресот за поврзаноста со Епштајн: „Можно е да сум...

Бил Гејтс пред Конгресот за поврзаноста со Епштајн: „Можно е да сум бил во близина на неговите жртви“

16
EPA/GIAN EHRENZELLER

Американскиот милијардер и коосновач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, призна дека е можно во минатото да бил во друштво на жртви на Џефри Епстин, иако, како што истакнал, никогаш не бил сведок ниту учесник во какви било незаконски дејствија.

Ова Гејтс го изјавил во доброволно сведочење пред конгресна комисија во САД, чиј транскрипт беше објавен деновиве. Тој нагласил дека неговиот тригодишен однос со осудениот сексуален престапник бил исклучиво од професионална природа.

За време на сослушувањето, конгресменот Роберт Гарсија посочил дека дел од вработените кај Епстин подоцна биле идентификувани и како негови жртви, поради што Гејтс не можел целосно да ја исклучи можноста дека бил во нивна близина.

„Тоа е точно“, одговорил Гејтс, додавајќи дека на крајот од една средба во авионот на Епстин видел неколку негови вработени. „Можно е да сум бил во присуство на жртви“, изјавил тој.

Надзорниот комитет на Претставничкиот дом побарал сведочење од Гејтс како дел од истрагата за неговите врски со Епстин, откако годинава беа објавени нови документи поврзани со починатиот финансиер.

Во своето сведочење, Гејтс открил и дека Епстин се обидел да го уценува користејќи информации од неговиот приватен живот, вклучително и информации за вонбрачна врска.

„Му кажав на мојот главен човек во „Гејтс Венчрс“, Лери Коен, дека никогаш нема да платиме ништо“, сведочел Гејтс, објаснувајќи дека Епстин испратил електронска порака во која барал надомест за наводни трошоци поврзани со жена со која Гејтс имал афера.

Според Гејтс, со Епстин го запознал неговиот долгогодишен соработник, лекарот и инвеститор Борис Николиќ, кој потекнува од Хрватска. Гејтс претпоставува дека токму Николиќ му открил на Епстин информации за неговите приватни врски.

Гејтс изјавил дека уште при првата средба во 2011 година знаел дека Епстин имал пресуда за сексуално дело, но сепак бил заинтересиран за потенцијална соработка, бидејќи Епстин тврдел дека може да обезбеди милијарди долари за проекти во областа на глобалното здравство.

„Жалам што не ја сфатив посериозно неговата репутација“, изјавил Гејтс, додавајќи дека никогаш не прифатил покани да го посети приватниот остров на Епстин или да присуствува на неговите приватни настани.

Тој истакнал и дека доброволно соработувал со обвинителството на Американските Девствени Острови, доставувајќи финансиска документација и давајќи изјави во рамките на истрагите поврзани со Епстин.

ИЗДВОЕНИ