петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Библиотеката „Искра“ во Кочани ќе го одбележи Меѓународниот ден на книжевноста за...

Библиотеката „Искра“ во Кочани ќе го одбележи Меѓународниот ден на книжевноста за деца

54

Под мотото „Другарувањето со книгите ни е песна – Фестивал на децата, книгите и музиката“, библиотеката „Искра“ од Кочани, на 2 и на 3 април 2026 година, ќе биде домаќин на серија настани посветени на Меѓународниот ден на книжевноста за деца.

Програмата вклучува разновидни содржини што ги обединуваат литературата, уметноста и едукацијата.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 2 април во 11 часот, во Мултикултурниот центар, со музички композиции во изведба на учениците од основните училишта во Кочани и со читање на меѓународната порака за празникот.

Еден од централните настани ќе биде промоцијата на книгата „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски, добитник на книжевна награда „Оливера Николова“ за 2025 година. Книгата ќе ја промовира Весна Мојсова-Чепишевска.

Во текот на денот, во просториите на библиотеката ќе се одржуваат ликовно-креативни работилници за децата од градинката „Павлина Велјанова“, како и едукативна работилница за богатото културно наследство на Кочанскиот Регион. Првиот ден ќе биде заокружен со промоција на книги за деца од авторката Оливија Георгиевска, што ќе започне 17.30 часот.

Вториот ден од фестивалот започнува со хуманитарен и инклузивен карактер со посета на изложбата од лицата со телесна и интелектуална попреченост од Дневниот центар во Кочани. Програмата ќе продолжи со промоција на наградената книга „Илина и тајните на Бабин заб“ од авторката Хана Корнети. Книгата што ја доби наградата на ДПМ „Ванчо Николески“, ќе ја промовира Симона Јованоска.

На 3 април, ќе се одржи и средношколска дебата, книжевно-афористичка работилница, како и промоција на книги за деца и млади од авторот Дејвид Вилијамс. Промотор ќе биде Наташа Данчевска.

Библиотеката „Искра“ 15 години го одбележува Меѓународниот ден на книжевноста за деца, а 9 години со проектот „Фестивал на децата, книгите и музиката“, чиј координатор е библиотекар советник, Магдалена Кочовска-Салтирова

 

ИЗДВОЕНИ