петок, јули 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бесплатно мерење на шеќерот во крвта и подготовка на здрава храна во...

Бесплатно мерење на шеќерот во крвта и подготовка на здрава храна во Вешје

– Овој настан беше идеална можност да се запознаат со активностите и со иновативните практики на „Ековита“ во областа на циркуларната економија и еколошкиот развој. Разговаравме за тоа како нашите проекти во Вешје создаваат систем во кој природата и човекот работат во хармонија. Покажавме дека најздрава храна е токму онаа што потекнува од нашиот крај, одгледана со љубов и грижа – истакнаа од еколошкото друштво „Ековита“

49

Бесплатно мерење на шеќерот во крвта се реализираше викендов, во неготинското село Вешје, во дворот на руралната канцеларија на регионалното еколошко друштво „Ековита“ од Неготино.

Екоактивистите организираа и работилница за подготовка на здрава храна со низок гликемиски индекс, со која ги пречекаа претставниците на неготинското здружение „Гликовита“ и кавадаречките „Слатка насмевка“ и „Визија“.

– Овој настан беше идеална можност да се запознаат со активностите и со иновативните практики на „Ековита“ во областа на циркуларната економија и еколошкиот развој. Разговаравме за тоа како нашите проекти во Вешје создаваат систем во кој природата и човекот работат во хармонија. Гордост ни е што на работилницата беа претставени и автентичните локални производи од вредните раце на жителите на селото Вешје. Покажавме дека најздрава храна е токму онаа што потекнува од нашиот крај, одгледана со љубов и грижа – истакнаа од еколошкото друштво.

Претседателката на Здружението на дијабетичари „Слатка насмевка“ од Кавадарци, Соња Ристовска, порача дека е многу важно здруженијата заеднички да соработуваат за поздрав живот, со цел да се развие свеста за значењето на чистиот воздух, здравата исхрана и физичката активност за да се спречат компликации од дијабетес.

Претседателката на „Гликовита“, Кристина Тодорова, нагласи дека, преку практична работа и дружење, докажуваат оти здравиот оброк е лесно достапен, вкусен и лековит.

– Овој настан е чин на солидарност и потврда дека кога е сплотена заедницата, се подобрува квалитетот на животот за секого. Заедно учиме како може храната да биде наш најголем сојузник – заклучи Тодорова.

 

ИЗДВОЕНИ