Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски истакна дека изнаоѓаат начини за да го стимулираат правилното фрлање отпад.
Притоа, се размислува за воведување на мерките да има еден или два дена во месецот за да можат граѓаните без надоместок да се ослободат од својот кабаст отпад, но и за воведување парични награди за граѓаните што ќе снимаат и ќе пријавуваат неправилно ставање отпад. Тој наведе дека уште на наредните седници ќе му предложи на Советот на Град Скопје да се воведат овие мерки.
Воедно, скопскиот градоначалник информираше дека завршува и постапката за поставување камери на над 200 локации во градот, на места каде што се создаваат диви депонии, како и во парковите и на детските игралишта.
– Сите снимки со вандализам ќе бидат директно препраќани до Министерството за внатрешни работи. За овие деликти не е доволна само парична казна туку мора да има и кривична и морална одговорност, како од сторителите така и од нивните родители доколку се работи за малолетници – порача Ѓорѓиевски.












