среда, септември 16, 2026
Дома СКОПСКА Живите статуи повторно во Центар  

Живите статуи повторно во Центар  

1

Утре, в петок и в сабота, улицата „Македонија“ и Градскиот плоштад ќе бидат во знакот на новиот перформанс на Театроск „Статуафест – Другото лице на улицата“.

Фестивалот, годинава, го слави своето десетто, јубилејно издание. Живите статуи и креативниот пристап ќе му дадат посебен белег на јавниот простор во срцето на градот, секој ден со почеток од 18:30 часот.

Во трите фестивалски денови на „Статуафест“ ќе бидат поставени 15 улични акти со живи статуи, со учество на преку 20 артисти од продукцијата на „Театроск“. Покрај живите статуи, на фестивалскиот простор ќе биде поставена и уметничка инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски, како и ликовна изложба на уметникот Ненад Рафајловски.

Општина Центар, оваа година, издвои еден милион денари од буџетот за перформансот „Центарски улици“, како поддршка и промоцијата на младите македонски уметници, улични перформанси и музички изведувачи.

– „Театроск“ е долгогодишен партнер на културната сцена на нашата општина. Години наназад, проектот ,,Центарски улици” со своите живи статуи и со креативниот пристап му дава посебен белег на јавниот простор во срцето на градот. Горди сме што неделава заедно славиме една деценија од овој уникатен фестивал што ја облагородува урбаната монотонија во која секојдневно се движиме, создавајќи амбиент што наликува на европска метропола. Општина Центар веќе 4 години финансиски ги поддржува „Центарски улици“, проект кој наиде на одличен одѕив кај  скопјани – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ