четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Бесплатни агрохемиски анализи на почвата                                          

Бесплатни агрохемиски анализи на почвата                                          

29

Општина Илинден и годинава ја продолжува поддршката на локалните земјоделци преку обезбедување бесплатни агрохемиски анализи на почвата.

Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна, Општината објави јавен повик за пријавување на заинтересираните земјоделци, со цел подобрување на квалитетот и продуктивноста на земјоделското производство.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека проектот има цел земјоделците да добијат прецизни информации за состојбата на почвата што ја обработуваат.

– Овие анализи ќе им помогнат за правилно и навремено ѓубрење, зголемување на приносите, намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на земјоделските производи – истакна  Георгиевски.

Проектот се реализира континуирано, како дел од стратешкиот план за развој на Општината, со намера да се опфатат што поголем број земјоделци и да се обезбедат сеопфатни податоци за квалитетот на обработливото земјиште на целата територија.

Општина Илинден ги повикува сите заинтересирани граѓани да се пријават на јавниот повик и да ја искористат можноста за бесплатна анализа на почвата, како и за стручно толкување на резултатите од експерти.

Јавниот повик е отворен денеска и ќе трае до 17 април 2026 година.

– За пријавување, потребно е да се достави копија од лична карта и имотен лист за катастарската парцела за која се бара анализа. Право на учество имаат сите жители со живеалиште на територијата на Општина Илинден, а изборот ќе се врши по принципот „прв дојден, прв  услужен“ – информираат од Општина Илинден.

ИЗДВОЕНИ