Од одгледување човечки органи во минијатурни свињи и биопечатење на органи до криотерапија и генетика, рускиот претседател Владимир Путин го направи истражувањето насочено кон забавување на стареењето еден од приоритетите на Кремљ.
Кога рускиот претседател Владимир Путин, не знаејќи дека микрофонот е вклучен, му рече на кинескиот колега Шји Џинпинг дека луѓето можат да постигнат бесмртност со трансплантација на органи, некои тоа го отфрлија како разговор на стари автократи. Всушност, за време на тој разговор на воената парада во Пекинг минатиот септември, се чинеше дека Путин опишува иницијатива за продолжување на животниот век поддржана од Кремљ, која стана еден од водечките научни проекти на Русија.
Како и милијардерите од Силиконската долина, вклучувајќи ги Џеф Безос, Сем Алтман и Питер Тил, Путин долго време е фасциниран од истражувањата против стареење. Но, во Русија, напорите на Путин да го забави стареењето сега станаа државен приоритет, потпирајќи се на методи кои се движат од печатење органи и одгледување мини свињи до изложеност на ултра ниска температура, пишува „Волстрит џурнал“ – ВСЏ.
Минатиот месец, руската влада објави дека научниците развиваат генетска терапија насочена кон забавување на стареењето на клетките како дел од „Нови технологии за здравје“, иницијативата на Путин за продолжување на животниот век од 26 милијарди долари. Според заменик-министерот за наука, Денис Секирински, тој лек „претставува една од најперспективните насоки во борбата против стареењето“.
Друга насока која можеби ветува е создавање човечки органи во лабораторија за трансплантација, една од иновациите за продолжување на животот за која Путин зборуваше и во Пекинг. Сите тие напори се дел од националната иницијатива за долговечност што тој ја претстави во 2024 година, која ветува дека ќе спаси 175.000 животи до крајот на деценијата. Таа бројка има непријатна воена симболика бидејќи приближно се совпаѓа со независните процени за загубите на руска работна сила за време на инвазијата на Украина.
Научниците назначени од Путин се фокусирани на две клучни технологии: биопечатење, или 3Д-печатење на живо ткиво, и ксенотрансплантација, односно одгледување човечки органи во мини свињи, раса која се смета за генетски компатибилна со луѓето. Научниците кои соработуваат со владини агенции тврдат дека биопечатeле ткиво на човечка ’рскавица и тироидна жлезда од глушец, со цел да се овозможи замена на човечки органи до 2030 година. Сличен рок се споменува и за одгледување органи кај свињи.
Иницијативата за долговечност на Русија ја водат две лица блиски до Путин: неговата ќерка Марија Воронцова, ендокринолог, која ги надгледува државните програми за генетика, и физичарот Михаил Ковалчук, директор на институтот „Курчатовски“. Но, за разлика од слични истражувања финансирани од Безос, Алтман или Тиел, работата промовирана од кругот на Путин произведе малку рецензирани истражувања во водечки меѓународни списанија.
– Ако нема публикации, тогаш нема ни вистински резултати, па затоа нивните изјави веројатно треба да се сфатат како аспирации, да не речам соништа, рече Александар Островски, руски научник, пионер во биопечатењето, кој ја напушти Русија по инвазијата на Украина, додавајќи дека невозможно е да се прави наука изолирано, па веројатно на Путин му го кажуваат тоа што сака да го слушне, за да обезбеди финансирање.
Меѓу луѓето што влијаеле врз Путин бил и Владимир Хавинсон, кого руските медиуми го нарекоа „геронтолог на Путин“, кој промовирал терапии против стареење базирани на пептиди добиени од ткиво од теле, иако нема научен доказ за тоа. Исто така, за време на состанокот во Кремљ во 2018 година, Путин го советуваше тогашниот австриски канцелар, Себастијан Курц, да проба комора за криотерапија – еден вид обратна сауна, во која телото е изложено на температура до минус 112 Целзиусови степени. Самиот Путин, кој има 73 години, помина децении градејќи слика за физичка сила преку прикази на машкост – лов без маица, играње хокеј и возење мотоцикли „харли дејвидсон“ во тесна црна облека, за да ја проектира издржливоста на жилав човек чија возраст нема никаква врска со него. Но, зад таа насочена машкост се крие владетел невообичаено оптоварен со физичка слабост. За време на пандемијата на ковид, Путин воведе сложени протоколи за карантин, вклучувајќи тунели за дезинфекција и долгорочна изолација за посетителите. Неговите познати долги маси станаа симболи и на политичка дистанција и на стравот од зараза. Руските и западните медиуми, исто така, шпекулираа за козметички процедури бидејќи неговото лице изгледаше помазно со текот на годините, наведува „Волстрит џурнал“.
Стапките на смртност во Русија остануваат меѓу највисоките во развиениот свет. Просечниот животен век на мажите во Русија денес е околу 68 години, според официјалната статистика, во споредба со околу 76 години во САД и повеќе од 80 во поголемиот дел од Западна Европа. Смртта, за разлика од изборите, останува тешка за контрола – дури и за Кремљ.












