Со порастот на цените на горивата, електричниот јавен превоз сè повеќе се наметнува како економски најисплатливо решение за градовите. Новите пресметки покажуваат дека електричниот автобус троши речиси три пати помалку за енергија во споредба со дизел. При просечна дневна километража, разликата достигнува повеќе од 4.000 денари заштеда по автобус, секој ден

 

Со новото поскапување на горивата во Македонија, повторно се отвора прашањето за економската одржливост на јавниот превоз, кој доминантно се потпира на дизел. Последните пресметки покажуваат дека разликата во трошоците меѓу дизел и електричен автобус е драматична – возењето со електрична енергија е поевтино до три пати.

Во услови кога цената на дизелот се очекува да достигне околу 85,5 денари за литар, класичниот градски автобус станува значително поскап за одржување. Просечната потрошувачка на еден градски автобус е околу 38 литри дизел на 100 километри, што значи дека трошокот за гориво изнесува околу 3.249 денари на 100 километри, односно приближно 32,5 денари по километар.

Од друга страна, електричниот автобус троши околу 1,3 киловат-часа електрична енергија по километар. Ако цената на струјата за институции се пресмета околу 9 денари по киловат-час, тогаш трошокот за електрична енергија изнесува приближно 11,7 денари по километар.

Разликата е повеќе од очигледна: дизел-автобус троши околу 32,5 денари по километар, а електричен автобус околу 11,7 денари по километар. Со други зборови, електричниот автобус денес е речиси три пати поевтин за движење само во однос на енергијата. Ако се земе реален пример на градски автобус кој во текот на еден ден поминува околу 200 километри, тогаш разликата станува уште поочигледна. Со дизел, трошокот за гориво би изнесувал околу 6.500 денари дневно, додека со електричен автобус трошокот за струја би бил околу 2.340 денари. Тоа значи повеќе од 4.000 денари заштеда дневно по автобус.

Дополнително, електричните автобуси имаат и значително пониски сервисни трошоци. За разлика од дизел-возилата, тие немаат менувач, турбини, издувен систем или моторни масла, што ја намалува цената на редовното одржување и го продолжува работниот век на возилото.

Токму на ваквите аргументи се повикува и поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој беше еден од првите локални функционери во земјата што ја отвори темата за електричен јавен превоз.

– Кога ја воведовме идејата за електричен јавен превоз во Струмица, многумина ја гледаа како нешто ново и, можеби, непотребно. Денес, со новото поскапување на горивата, најдобро е таа одлука да се погледне низ едноставни бројки – вели Костадинов.

Пресметките стануваат уште поинтересни ако се применат на реалните услови на јавниот превоз во Скопје. Според достапните податоци, возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, годишно поминува околу 15,5 милиони километри. Во сообраќај секојдневно се вклучуваат околу 157 автобуси, што значи дека еден автобус просечно поминува околу 270 километри дневно.

Ако се земе потрошувачката на двокатните автобуси од кинескиот производител „Јутонг“, кои се доминантни во возниот парк, реалните оперативни податоци покажуваат дека тие трошат околу 42 до 43 литри дизел на 100 километри. Тоа значи дека само за гориво, еден ваков автобус може да троши повеќе од 9.800 денари дневно при просечна дневна километража од 270 километри.

Во систем каде што секојдневно на улиците се движат повеќе од 150 автобуси, ова значи дека јавниот превоз троши огромни суми само за дизел, односно средства кои би можеле значително да се намалат со постепена електрификација на возниот парк.

Дополнителен проблем е староста и еколошкиот стандард на автобусите. Анализите покажуваат дека во возниот парк доминираат автобуси од кинеската марка „Јутонг“ и украинската „ЛАЗ“, кои сочинуваат повеќе од 80 проценти од вкупниот број. Само околу 10-12 проценти од автобусите имаат највисок еколошки стандард еуро 6, додека најголемиот дел се со стандарди еуро 4 и еуро 5. Сè уште има во употреба и десет автобуси „Санос“, стари повеќе од три децении.

Иако во последните години имаше ограничено обновување на возниот парк со набавка на автобуси „МАН“ во 2020 година и донација на неколку автобуси „БМЦ“ од Европската Унија – експертите предупредуваат дека сè уште недостига системска модернизација на јавниот превоз.

Во такви услови, економската логика постепено ја надминува и политичката дебата. Со порастот на цените на горивата и падот на цената на технологијата за батерии, електричните автобуси сè повеќе се наметнуваат како рационално решение. Кога бројките се ставаат на маса, дилемата станува многу поедноставна: електричниот јавен превоз веќе не е само еколошка политика, туку и чиста економска пресметка. За градовите што сакаат поевтин, помодерен и почист транспорт, прашањето веќе не е дали, туку кога ќе започне целосната транзиција кон електрични автобуси.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ