Со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, бензините го достигнаа највисокото ценовно ниво во овој период и практично удрија во ценовниот плафон. Така, максималната цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 87 денари за литар, а на еуросупер БС-98 е 89 денари за литар, додека еуродизел (Д-Е V) ќе се продава по 92 денари за литар, ЕЛ-1 по 93,50 денар за литар и М-1 НС по 50,814 денари за килограм. Истовремено, тие значително се приближија до цената на дизелот, при што разликата меѓу двата деривата е сведена на минимум во споредба со претходните месеци. Дизелот својот ценовен пик го имаше во март и април, кога по неколку последователни поскапувања се движеше на повисоки нивоа од сегашните. Во меѓувреме, цените имаа и кратки нагорни/надолни корекции, но од мај, трендот е повторно нагорен. Новото поскапување доаѓа во услови на пораст на цената на суровата нафта на светските берзи
Бензините со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика имаат највисока цена од почетокот на војната на Блискиот Исток и затворањето на Хормутскиот Проток кога беше запрено движењето на танкерите.
Со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, се зголемија малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84 % во однос на одлуката од 11.05.2026 година. Малопродажната цена на бензинот еуросупер БС-95 ќе се зголеми за 2 ден./лит, додека малопродажните цени на бензинот еуросупер БС-98 и на еуродизел Л (Д-Е V) ќе се зголемат за 2,50 ден./лит. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се намали за 0,50 ден./лит, додека малопродажната цена на мазутот М-1 НС ќе се зголеми за 0,846 ден./кг и сега ќе чини 50,814 ден./кг.
Така, максималната цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 87 ден./литар, а на еуросупер БС-98 е ќе 89 ден./литар, додека еуросупер (Д-Е V) ќе се продава по 92 ден./литар, ЕЛ-1 по 93,50 ден./литар и М-1 НС по 50,814 ден./кг.
Од крајот на февруари, кога почна кризата на Блискиот Исток, па сè до денешната одлука на РКЕ, цените на горивата во земјава поминаа низ неколку бранови на зголемувања и кратки корекции. На почетокот, цените беа релативно стабилни, со мали поместувања. Потоа следуваше првиот бран на поскапувања, каде што бензините се зголемија за 1 до 2 денари, а дизелот бележеше мало или минимално зголемување што од РКЕ го објаснуваа дека причината е пораст на светската нафта и на девизниот курс. На крајот на март имаше кратко смирување на цените со државните мерки преку намалени акцизи и ДДВ. Тие мерки привремено ја стабилизираа цената на дизелот и на бензините. Дизелот во тој период се движеше од околу 91 до 95 денари за литар.
Во почетокот на април имаше нов пораст поради силниот притисок од цената на нафтата, по што следуваше нов циклус поскапувања и тоа на бензините од 1 до 1,5 денар, а на дизелот од 2 до 3 денари. Во средината на април, РКЕ направи намалување на цената на бензините од 1,5 денар, а на дизелот од 2,5 денари. Ова беше кратко привремено враќање на цената по претходниот скок, за да на крајот на април се случи повторно поскапување во просек од 0,4 до 1,4 проценти, а цената на дизелот се движеше околу 94 – 95 денари за литар.
Почетокот на мај донесе намалување на цените, па дизелот падна на околу 89,5 денари за литар, а бензините на 85 – 86 денари, како резултат на пад на светските берзански цени и стабилизација на пазарот.
Со одлуката на ОКТА, граѓаните на бензиските пумпи имаа дополнителен попуст на цените на горивата и тоа од четири денари за литар дизел и два денари за бензините, со рок на траење до 18 мај, односно до вчера. Весникот ВЕЧЕР прати прашање на мејл до ОКТА дали ќе го продолжат попустот, но до затворање на весникот не добивме одговор.
Инаку, светските берзи и натаму се под притисок и цената на суровата нафта и натаму расте. Европските берзански индекси денеска беа претежно во минус, додека цената на нафтата од типот „брент“ се искачи над 110 долари за барел, што претставува пораст од 1,90%.
Според податоците од берзите, суровата нафта порасна за 2,32 % и денеска беше над 107 долари за барел.
(С. Бл.)












