Граѓаните и во 2025 година најчесто се жалеле на институциите, покажува годишниот извештај на Народниот правобранител. Во текот на годината биле разгледани 2.921 претставка, од кои 2.400 се нови, а 521 се пренесени од претходно. Најмногу поплаки има во правосудството – 307, потоа следуваат потрошувачките права со 264, работните односи со 219 и детските права со 198 претставки. Трендот, како што се наведува, останува речиси непроменет.
Извештајот нотира дека граѓаните се соочуваат со бавна администрација, неажурност и префрлање на одговорност меѓу институциите, што го отежнува остварувањето на нивните права. Како сериозен проблем се издвојува животната средина, каде има зголемен број претставки поради загаден воздух, палење депонии и лошо управување со отпад. Дополнително, институциите често не постапуваат координирано.
Во изборниот процес, лицата со попреченост и натаму имаат ограничен пристап – над 70 проценти од избирачките места биле непристапни. Во социјалната сфера се нотираат доцнења на исплати и нефункционални процедури, а има и случаи на незаконско постапување на администрацијата, како одбивање да се примат барања од граѓани.
Иако има и позитивни примери – како законски измени за вработување на лица со аутизам и олеснување на пензиските права со Италија – во повеќе области нема напредок. Проблеми остануваат со извршителите, бавните управни судови и лошите услови во затворите, додека граѓаните најчесто се жалат и на неисплатени плати, високи сметки и нефункционални институции.
Извештајот ќе биде испратен до Собранието каде пратениците треба да дискутираат и да го усвојат. (П.А.)












