FOTO: EHF

Македонија и оваа сезона нема да има претставник во нокаут -фазата од најквалитетното клупско ракометно натпреварување – Лигата на шампионите, откако шампионот Еурофарм Пелистер повторно не успеа да ја помине групата. Битолчани завршија на претпоследното (7. место) во групата Б, со 6 бода. Единствено полошо пласиран тим од нив беше хрватскиот шампион Загреб. Во оваа група, тимот на Стевче Алушовски се натпреваруваше уште со Барселона, бранителот на титулата Магдебург, Висла Плок, ПСЖ, ГОГ Гудме и со ПИК Сегед.

Но, и без македонскиот шампион во плејофот, љубителите на ракометот ќе имаат можност да гледаат одлични осминафинални натпревари. Европската ракометна елита влегува во највозбудливиот дел од сезоната, а потенцијалните четвртфинални дуели најавуваат вистински спектакл. Но, и осминафиналната фаза треба да донесе многу возбудување и неизвесност.

Директен пласман во четврт-финалето обезбедија најдобрите две екипи од групите А и Б, кои сега ќе ги чекаат своите противници од плејоф-фазата. Во битката за место на завршниот турнир, германскиот гигант Фуксе Берлин ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Пари Сен Жермен и Веспрем. Данскиот шампион Алборг го очекува победникот од пресметката меѓу Спортинг и Висла Плок.

Шпанскиот гигант Барселона ќе игра против подобриот од француско-данскиот дуел меѓу Нант и ГОГ Гудме. Во последниот четвртфинален пар, актуелниот европски шампион, Магдебур,г ќе ги одмери силите со победникот од двомечот меѓу Киелце и ПИК Сегед.

Осминафинални двојки – 1/2 и 8/9 април: ОТП Банк – ПИК Сегед (Унгарија) – Индустрија Киелце (Полска), Спортинг клуб де Португал (Португалија) – Орлен Висла Плок (Полска), ГОГ (Данска) – ХБЦ Нант (Франција), Уан Веспрем ХК (Унгарија) – Париз Сен Жермен хандбол (Франција).

Четвртфинални двојки: СЦ Магдебург (Германија) против победникот од Киелце/Сегед, Алборг Хендболд (Данска) против победникот од Спортинг/Плок,  Барса (Шпанија) против победникот од ГОГ/Нант, Фуксе Берлин (Германија) против победникот од Веспрем/Париз.

 

ИЗДВОЕНИ