Минималната плата стана тема за ново „лицитирање“ – опозицијата бара да се зголеми на 600 евра, додека Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека ќе бара минималецот да достигне од 800 до 850 евра. Од ССМ велат дека досегашното барање од 600 евра веќе не одговара на растот на животните трошоци.
Претседателот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат предлогот за минимална плата од 600 евра, како и субвенционирање на придонесите за приватните компании за делот што се однесува на зголемувањето.
Од ССМ претходно посочија дека синдикалната минимална кошничка се приближува до 70.000 денари, а според нивните наводи, трошоците на домаќинствата во последните две години пораснале за повеќе од 8.000 денари. Од Синдикатот посочуваат и дека повисоките цени на горивата дополнително ги зголемуваат трошоците за превоз и цените на производите. Доколку нема напредок во разговорите, најавуваат можни протести, блокади и штрајкови.
Во продолжение, Филипче ја критикуваше економската политика на Владата, особено новите задолжувања и состојбата во пензискиот фонд. Тој рече дека буџетскиот дефицит е близу една милијарда евра, а дупката во пензискиот фонд, според него, се удвоила за само две години.
Во тој контекст, тој ја предупреди Владата да не посегнува по средствата од вториот пензиски столб откако беше отворена можноста да се инвестираат пензиските средства во домашни проекти. Тој порача дека граѓаните не смеат да останат без средствата што ги издвојуваат за идните пензии и најави граѓански револт доколку се посегне по нив.
Лидерот на СДСМ ја критикуваше и политиката на нови задолжувања, прашувајќи зошто продолжува да расте долгот ако економијата, како што тврди власта, напредува и зошто граѓаните не чувствуваат корист од зголеменото задолжување.
Тој ги повика пратениците да го поддржат и предлог-законот за финансиска поддршка во земјоделството, посочувајќи ги ниските откупни цени и високите производствени трошоци како дополнителен проблем за земјоделците.












