Призна дека не зборува многу, многу на концертите, а тоа што го кажува, навистина е впечатливо кажано. Како, на пример, кога кажа на македонски: „Сите ве сакам!“ А потоа, со вулкан од емоции, го испеа носталгичниот хит „Ја сам Југословенка“, со кој предизвика спомени и солзи кај добар дел од присутните
Првиот солистички македонски концерт на балканската поп-дива Емина Јаховиќ, која е по потекло од Нови Пазар, Србија (во организацијата на „Евентум“) и која слободно може да се пофали и со популарноста во Турција, каде што живее сега, помина повеќе од одлично. Салата во Македонската филхармонија беше исполнета до последното место, а публиката, иако неочекувано дека ќе биде така, помина феноменално со песните на Емина. Таа самата призна дека не зборува многу, многу на концертите, а тоа што го кажува, навистина е впечатливо кажано. Како, на пример, кога кажа на македонски: „Сите ве сакам!“. Нормално дека публиката ѝ поверува.
Оваа мошне згодна пејачка, зад себе, во приватниот живот, има еден скандалозно неуспешен брак со турската музичка ѕвезда Мустафа Сандал. Но, тоа е некоја друга приказна. Емина сега живее разведена, во Истанбул, со своите двајца возрасни синови, за кои вели дека го разбираат нивниот развод. Поседува мошне скапа, луксузна куќа, со романтичен поглед на Босфор.



Но, да му се вратиме на скопскиот концерт. Започна со баладата „Узалуд се трудим“, која, всушност, естрадно ја прослави. Беше облечена во долг розов фустан, во стилот на Мерилин Монро. Сите ги воодушеви со таквиот имиџ. Потоа се редеа и другите нејзини хитови, но кулминацијата, во вистинска смисла на зборот, се случи кога во придружба на тапанар, исклучително темпераментно го испеа големиот балкански хит „Ја сам Југословенка“ (инаку, песната е од репертоарот на Лепа Брена). Реакциите на присутните беа такви што не може да се опишат со зборови. Многумина се расплакаа, веројатно понесени од југоносталгичните спомени, додека добар дел од публиката играше на оваа патриотска песна. Емина потоа нè потсети и на хитовите што ги пее во дует со Дино Мерлин, Жељко Јоксимовиќ, Саша Ковачевиќ.

Дополнителна кулминација по испеаната „Ја сам Југословенка“ се случи кога ја испеа својата најпозната песна – „Дал она зна“. Ни кажа дека за да ја стави оваа песна на својот репертоар, виновен е нејзиниот пријател и колега, Хари Мата Хари.
Сепак, иако сè беше одлично и организирано и од Емина испеано, голем минус е тој што таа не испеа ниту една македонска песна. Без разлика што пред концертот имаше изјави за македонските медиуми дека овде, кај нас, се чувствува како дома, требаше да ѝ го приреди тоа задоволство на публиката, која покажа дека многу ја сака. Можеби е оставено за наредниот пат, како посебно изненадување. Емина ќе ни дојде пак, ова лето, на некој од концертите во Македонија.
Дуле МИЌИЌ












