Бизнис-заедницата во земјава очекува продлабочување на економската криза и не ја исклучува можноста, доколку се влоши ситуацијата, да побара од Владата воведување целни мерки за поддршка. Засега, според процените, состојбата е под контрола, но внимателно се следат сите движења во економијата и геополитиката.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, рече дека евентуалните мерки треба да бидат насочени кон најпогодените сектори и кон клучните гранки од економијата, без кои, како што рече, не може да функционира македонското стопанство.
– Доколку се погодени одредени сектори или значајни гранки, неопходно е да се преземат „таргетирани“ мерки. Што се однесува до граѓаните, тоа е обврска на Владата и тука не се мешаме – истакна Азески.
Тој нагласи дека при евентуални мерки, приоритет треба да имаат извозно ориентираните компании, кои, според него, се клучни за стабилноста на економијата.
– Очекуваме продлабочување на кризата поради секојдневните информации, кои ја комплицираат состојбата. Но, засега имаме капацитет, заедно со Владата, да ја контролираме ситуацијата. Потоа ќе бидат потребни посериозни активности за опстанок на економијата – рече Азески.
Тој додаде дека компаниите се подготвени за различни сценарија, бидејќи, како што истакна, кризите траат уште од 2008 година, што создава постојана неизвесност во работењето.
– Компаниите се во постојана состојба на напнатост и тешка предвидливост, што е најголемиот непријател на бизнисот, особено во услови на геополитички промени, кои влијаат на Европа и на регионот – нагласи тој.
Азески посочи и дека војната во Украина продолжува да има значително влијание врз економските текови, особено имајќи предвид дека околу 70 отсто од домашните компании се насочени кон европските пазари. Според него, Стопанската комора континуирано ги следи состојбите и предлага мерки во соработка со Владата, при што фокусот останува на борбата против корупцијата и сивата економија, на забрзаната гасификација и на директната поддршка за извозните компании.
– Без извоз, мала економија како нашата нема шанси за опстанок. Затоа е неопходна силна поддршка за компаниите што настапуваат на странските пазари – додаде Азески.
Тој предупреди и дека долготрајните кризи во Европа и во светот придонесуваат за зголемување на инфлацијата, што дополнително ќе го отежни работењето на компаниите.












