Во соработка со Националниот парк „Пелистер“, Македонското еколошко друштво (МЕД) минатата недела одржа едукативна работилница во ОУ „Даме Груев“ во Битола, каде што со учениците ја играше социјалната игра „Преспа“.
– Создадена со цел да ги поттикне нивното знаење и љубопитноста за биолошката разновидност и природните живеалишта во регионот, оваа игра им овозможува на учениците да се стават во улога на млади еколози, да решаваат предизвици и да откриваат интересни факти за прекуграничниот Преспански Регион. Ваквите активности придонесуваат за градење одговорни млади генерации, кои со знаење, љубопитност и со ангажираност ќе продолжат да се грижат за природното наследство на Преспа – соопштија од МЕД.
Оттаму информираат дека оваа работилница се реализирала во рамките на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ), во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).
Партнери во спроведувањето на проектот се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Спроведувањето на проектните активности е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и од Националниот парк „Пелистер“.












