недела, ноември 1, 2026
Дома СВЕТ Инцидент на забава за Ноќта на вештерките во Англија: Пет тинејџери се...

Инцидент на забава за Ноќта на вештерките во Англија: Пет тинејџери се избодени со нож при упад на натрапници

45

Пет тинејџери се сериозно повредени во напад со нож на забава по повод Ноќта на вештерките во Англија, соопшти полицијата. Нападот се случил синоќа во Чендлерс Форд, во близина на градот Истли во јужна Англија, пренесува Би-Би-Си (BBC).

Полицијата била повикана нешто по 22:30 часот. Петте повредени млади лица – тројца на возраст од 16 години и двајца на возраст од 17 години – биле пренесени во болница со сериозни повреди.

Полицијата се сомнева дека група поединци, кои засега не се идентификувани, успеале да влезат на забавата што се одржувала во куќа на улицата „Парк Роуд“, по што дошло до нападот со нож.

Полицијата апелира до сите што биле сведоци на инцидентот или имаат информации за нападот, да се јават кај надлежните. Областа околу куќата денес е сè уште оградена со полициска лента, а истрагата е во тек. Главниот истражител, детективката Елизабет Пири, истакна колку овој настан бил вознемирувачки за локалната заедница и ѝ се заблагодари на јавноста за трпението.

Еден сведок изјави дека на местото на настанот пристигнале повеќе возила на итните служби, вклучително и хеликоптер за итна медицинска помош. Друг сведок раскажа дека видел лице како истрчува од куќата викајќи дека е избодено, додека зад него трчале уште две лица.

За нападот се огласи и британската пратеничка Лиз Џарвис. „Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и сите погодени од синоќешниот инцидент во Чендлерс Форд. Им благодарам на нашата локална полиција и на итните служби за брзата реакција“, напиша таа денес на платформата X. „Важно е да не се шпекулира и да не се шират непроверени информации“, додаде таа.

ИЗДВОЕНИ