Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, најави построги мерки против прекумерниот туризам во градот, предупредувајќи дека историскиот центар достигнува точка на „заситеност“.
Повеќе од осум милиони туристи ја посетија Атина минатата година, додека бројот на краткорочни престои во населбата Плака, под Акропол, се зголеми повеќе од двојно од 2018 година, изјави тој за „Гардијан“.
Дукас предупреди дека таков раст води до зголемување на цените на недвижностите, раселување на локалното население и притисок врз инфраструктурата.
„Атина не може да функционира како џиновски хотел. Потребни се јасни правила и ограничувања“, рече тој, нагласувајќи дека градот мора да го контролира сопствениот развој.
Властите во грчката престолнина планираат да забранат нови туристички инвестиции во најпрометните области, особено во историскиот дел.
Се разгледува и замрзнување на дозволите за нови хотели, при што инвеститорите ќе бидат насочени кон помалку зафатени делови од главниот град.
Иницијативите доаѓаат во време кога Атина се соочува со големи инфраструктурни предизвици – од надградба на водоводните и енергетските системи до проширување на 5G мрежата – за да се справи со притисокот од вкупното население од околу 700.000 жители и милиони посетители годишно.
Поддршка за порестриктивни мерки дојде и од туристичкиот сектор.
Хотелиерите посочуваат примери од други европски градови, како што е Барселона, кои веќе воведоа ограничувања за контрола на растот на туризмот и заштита на локалните заедници.
Дукас нагласи дека прифатливите станови станаа клучно прашање, поради што градот развива програми за социјално домување и планира да создаде повеќе јавни простори.
„Атина постои за своите граѓани, а не само за оние кои сакаат да ја користат“, рече градоначалникот.












