Атила Клинче (1958, Гостивар), актер во пензија од Театар на народностите – Турска драма е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко, паричен износ од 30.000 денари и цветен аранжман.
Одлуката за добитникот Атила Клинче како еден од создавачите на македонската театарска сцена едногласно ја донела жири-комисијата во состав на актерите: Васил Зафирчев, Благојчо Стојанов и Слободанка Чичевска, актер и минатогодишен добитник на наградата.
Како што посочи Чичевска, актерскиот опус на Атила Клинче е одбележан со бројни значајни улоги од светската класика и домашната драматургија. Неговиот актерски опус вклучува комплексни и значајни ликови како: Хамлет, Енкиду во Гилгамеш, Едип, Мемет, Магбет, Фентон, Креонт и многу други, кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство. Тој е добитник на Награда за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Мемет (1982 г.). За истата улога е прогласен за најдобар актер од страна на весникот „Млад Борец“. Во 2003 г. од страна на Турските медиуми е прогласен за Актер на годината. Во 2005 за главната улога на таткото во претставата „Куќа на граница“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, Клинче ја добива наградата за најдобро актерско остварување. Во 2016 ја добива државната наградата „11 Октомври “…
Атила Клинче има голем број улоги и во филмот и на телевизијата, каде што се истакнува со својата разновидност и интензивност во интерпретациите.












