вторник, јуни 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Асистентка уапсена по пријава на студент од Турција: фатена со обележани сто...

Асистентка уапсена по пријава на студент од Турција: фатена со обележани сто евра

На кадетрата за физикална медицина при УГД во Штип

0

Студент од Турција ја пријавил асистенката од медицинскиот факултет во Штип дека му побарала поткуп за да го положи испитот. Полицијата ја уапсила во моментот кога ги примила парите.

Асистентка од медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е приведена под сомнение дека примила поткуп од студент за да му овозможи да положи испит. Акцијата била спроведена од СВР Штип во координација со Основното јавно обвинителство, откако студентот го пријавил случајот. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 22 јуни, 26-годишниот К.Б. од Турција, кој привремено престојува во Штип и студира на УГД, пријавил дека Т.А. (39) од него побарала 300 евра за да го положи испитот од областа на физикална медицина, што требало дополнително да го полага на 29 јуни.

По пријавата, полицијата организирала контролирана акција. На студентот му биле предадени три крим-технички обработени банкноти од по 100 евра, а професорката била уапсена веднаш откако ги примила парите. „Таа е задржана во полициска станица, парите се одземени, а по целосното документирање на случајот против неа ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „примање поткуп“, информираа од полицијата.

По апсењето, од Универзитетот „Гоце Делчев“ соопштија дека имаат нулта толеранција за корупцијата и дека во академската заедница нема место за лица кои ја злоупотребуваат својата функција.

„Целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем“, наведуваат од Универзитетот. Оттаму ги повикаа студентите и граѓаните да не молчат доколку имаат сознанија за корупција, потсетувајќи дека постојат механизми за пријавување на вакви случаи, како на Универзитетот, така и пред надлежните институции. Универзитетот оценува дека само со навремено пријавување и доследно спроведување на законот може да се изгради систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех.

Истражувањата за корупција во образованието и натаму предупредуваат дека митото останува сериозен предизвик на факултетите. Регионалната студија „Corruption Perceptions and Prevention in Higher Education“, спроведена меѓу 934 студенти од Македонија, Србија и Албанија, покажува дека студентите во земјава како најчести облици на корупција ги посочуваат поткупот за полагање испити, непотизмот, фаворизирањето на поединци и политичките влијанија. Во истражувањето се наведува и дека довербата во механизмите за пријавување корупција е сè уште ниска, поради што се препорачуваат поголема транспарентност и поефикасни механизми за заштита на пријавувачите.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ