четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Аранжманите за Кипар и Дубаи откажани, дамите бираат меѓу кафеана или бања!

Аранжманите за Кипар и Дубаи откажани, дамите бираат меѓу кафеана или бања!

Денот на жената, 8 Март, ќе се прослави на различни начини. Некои ќе уживаат во музиката и дружењето со пријателите во кафеаните, додека други ќе одат на патување. Но, поради војната на Блискиот Исток, многу жени се откажуваат од своето осмомартовско патување. Педесет и седум жени неодамна се откажале од патувањето на Кипар поради страв од безбедносната ситуација поврзана со воените дејства во Иран. Од агенциите велат дека иако има некои откажувања, интересот за патување за 8 Март е голем. Цените на турите се движат од 150 евра за три ноќевања, па нагоре

3769

Денот на жената, 8 Март, некои ќе го прослават во кафеаните, уживајќи во музиката и дружењето со пријателите, додека други ќе одат на патување и ќе уживаат во нови авантури. Но, поради војната на Блискиот Исток, многу жени се откажуваат од своето осмомартовско патување. Педесет и седум жени пред два дена се откажале од патувањето на Кипар поради страв од безбедносната ситуација поврзана со воените дејства во Иран. Тие одлучиле да не отпатуваат, стравувајќи за својата безбедност и побарале од туристичката агенција да им ги рефундира средствата за аранжманот. Од агенцијата им било соопштено дека не е можна целосна рефундација, но им понудиле ваучер што би можеле да го искористат за друго патување во нареден период.

– Дел од средствата за хотелот ќе бидат вратени, додека трошоците за авионскиот превоз не може да се рефундираат бидејќи летот, сепак, бил реализиран – велат од агенцијата.

Од туристичките агенции што ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека, сепак, има голем интерес за патување за 8 Март и оти има понуди за сечии џеб. Цените се движат од 150 евра за три ноќевања, па нагоре, но од агенциите потенцираат дека во овие цени не се вклучени факултативите, односно посетата на културно-историските споменици, музеи и прошетката по Босфор. За овие задоволства треба да се издвојат уште 100-200 евра, што значи дека едно осмамартовско патување ќе ве чини од 300 до 500 евра.

– Има голем интерес за патување, турите се веќе пополнети. Најчесто патувањата се реализираат со автобуски превоз, со платени сместување и храна. Веќе тргнаа автобусите за Тоскана, Милано, Букурешт, Евија, Атина… Се работи за неколкудневни патувања со две или три ноќевања. Цените се различни и зависат од дестинацијата на која се патува и од тоа кога е направена резервацијата. Како и за секое патување така и за 8 Март, ако се уплати порано, цената е пониска за околу 10 отсто – велат од една туристичка агенција.

Цените за Атина се 150 евра од лице за четири дена, односно три ноќевања, за Милано 230 евра за шест дена, 160 евра за две ноќевања во Прага, за Будимпешта 150 евра за три ноќевања, за Истанбул – две ноќевања 119 евра, за Венеција две ноќевања 150 евра…

Од агенциите велат дека оние што патуваат, секако, треба да ги имаат предвид и трошоците што не се вклучени во цената, а тука се факултативните посети на некои локалитети, музеи, посетата на волшебните езера во Милано… За овие дополнителни задоволства жените ќе треба да издвојат уште 100-200 евра, а доколку сакаат да си купат и некој сувенир и некое парче облека, тогаш им отидоа уште неколку стотици евра.

Од туристичките агенции велат дека најголем е интересот за бањите во Србија, ем поради близината ем поради релативно ниската цена. Очекувањата се дека за празникот, од земјава само кон нашиот северен сосед ќе тргнат неколку десетици автобуси, но има интерес и за грчките и за бугарските спа-центри.

– Има голем интерес и за бањите во Србија. Цените се движат од 150 евра за три дена во Врњачка Бања, 180 евра во Луковска Бања и 200 евра во Куршумлиска Бања – велат од агенциите.

Туристичките работници информираат дека некои од компаниите што работат добро и се успешни наместо подарок за 8 Март, на своите работнички им уплаќаат туристичко патување на трошок на фирмата.

За оние што ќе останат во Скопје, изборот на ресторани и на кафеани за прослава на 8 Март е голем. Местата се веќе полни, а гостите може да уживаат во музиката и дружењето со колегите и со пријателите. Што се однесува до цените, има за секој џеб – менијата се движат од 1.200 до 1.500 денари, па секој може да најде нешто по своја мера за празничната вечер.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ