Образложувајќи ја приказната, режисерот Милчо Манчевски истакна дека филмот е и остра сатира и нежна студија за брат и сестра што со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. – Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата, слепа баба. Отпорот кон корумпираното општество е во нивниот генерален однос кон какви било авторитети, а особено лажни. И дел од тоа е и нивната безобѕирност или привидна безобѕирност кон добробитта на другите луѓе или кон туѓата сопственост. И, се разбира, и кон историјата – рече тој. По светската премиера во Токио, и македонската јавност кон крајот на ноември ќе може да го види филмот, по што ќе има и кинодистрибуција
Најновиот игран филм на реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, кој беше познат во јавноста и со работните наслови „Збогум, Копакабано“ и „Биста“, ќе ја има својата светска премиера во рамките на натпреварувачката селекција на интернационалниот филмски фестивал во Токио, на 30 октомври.
„Сестра, брат и шахта“ е социјална трилер-комедија за брат и сестра (Виктор и Малина), луѓе што живеат на маргините на општеството и крадат бисти низ Скопје. Иако се случува во современа Македонија, филмот содржи универзален коментар, размислување за тоа како живеат луѓето и како се поврзуваат со современиот свет.

Како што беше најавено на денешната прес-конференција, на отворањето на фестивалот во Токио, што ќе се одржи од 26 октомври до 4 ноември, екипата на филмот ќе дефилира на црвениот килим заедно со другите филмаџии. По светската премиера, актерите и режисерот ќе имаат сесија разговори со публиката, како и со јапонските и со меѓународните медиуми, а на 2 и 3 ноември филмот ќе има уште две проекции.
– За наша радост, повторно сме во Токио, по 2022 година, кога бевме таму со „Кајмак“. Тоа е фестивал од А-категорија и еден од најреномираните во Азија и во светот – рече продуцентот на филмот, Јане Ќортошев, кому ова му е трета соработка со Манчевски, по „Врба“ и „Кајмак“.
Додаде дека, како продуцент, го привлекла премисата на филмот – „распродажбата на народни херои на килограм“.
– Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо, па и шахти. Слични беа реакциите и на странските копродуценти: ги привлече приказната, специфичниот јазик во сценариото, дијалогот толку жив и уникатен и, се разбира, можноста за соработка со Манчевски – истакна Ќортошев.
Најави дека, по светската премиера, и македонската јавност кон крајот на ноември ќе може да го види филмот, по што ќе има и кинодистрибуција.

Образложувајќи ја приказната, режисерот Манчевски, пак, истакна дека филмот е и остра сатира и нежна студија за брат и сестра што со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество.
– Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата, слепа баба – додаде Манчевски.
Прашан на кој начин сестрата и братот даваат отпор кон корумпираното општество, режисерот рече дека нивниот отпор не е манифестиран со крадењето шахти и бисти.
– Ќе видите од самиот филм, отпорот е во нивниот генерален однос кон какви било авторитети, а особено лажни авторитети. И дел од тоа е и нивната безобѕирност или привидна безобѕирност кон добробитта на другите луѓе или кон туѓата сопственост. И, се разбира, и кон историјата – истакна Манчевски.
Во филмот улогите ги толкуваат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Актерката Климоска, која ја толкува сестрата Малина, рече дека ѝ претставувало предизвик да ги изгради и силата и ранливоста на ликот.
– Нејзините сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат – рече Климоска.
За актерот Филип Трајковиќ, кој го игра братот Виктор, пак, создавањето на улогата било радост и среќа.
– Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето, сепак ,се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога е водена секоја постапка од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите – рече Трајковиќ.

Видеопорака од Битола испрати и Соња Михајлова, која откри, со гордост, дека го толкува ликот на Тодора, снаа на Ѓорче Петров.
– Фала му на Милчо што ме даде за снаа во толку прекрасна македонска фамилија – фамилијата на Ѓорче Петров. Ѓорче Петров ми е една од омилените личности во нашата револуционерна историја, кој покрај сите свои активности – историчар, публицист, професор, запишал една прекрасна мисла, а тоа е: „Македонија е благословена земја, Божји дар се нејзините плодни полиња, шумите, планините, езерата… убавини на кои и Швајцарците може да ѝ позавидат – рече Михајлова.
Додаде и дека иако ликот на Тодора во прв план е ладен, арогантен, суров, во суштина таа е великодушна жена.
– Тодора е стара мајка што многу пати во животот била повредена и изневерена. Средбата со братот и со сестрата за неа значи ослободување од тињата и од талогот собрани во нејзината душа – додаде актерката.
Инаку, долгогодишниот соработник на Манчевски Дејвид Манс од Велика Британија, е дизајнер на продукцијата, директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија, кастинг- директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Копродуценти се: „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медија груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија. Филмот се снимаше со меѓународна екипа, на локации низ и околу Скопје, во 2025 година.
Покрај македонската Агенција за филм, филмот го помогнале и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и од Англија.

– За Агенцијата за филм е многу важно македонските филмови и автори да имаат силна видливост пред домашната публика, но истовремено да бидат видени и препознаени на меѓународната сцена. Мислам дека овој филм многу успешно ќе го направи тоа. Своето меѓународно патување ќе го почне во Токио, меѓутоа убеден сум дека ќе ги освои и срцата на македонската публика – рече Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм во видео вклучување.
Додаде дека Агенцијата ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со промоцијата на филмот и со претставувањето во нашата земја и во странство.
Да потсетиме, за една година Манчевски успеа да сними два филма. Тоа е долгометражниот документарец „Добри луѓе“, за трагедијата во Кочани, и играниот филм „Сестра, брат и шахта“.
– Никогаш не планирав во исто време да работам два филма, тоа е реткост и е прилично тешко, ама така испадна. Затоа што прво „Сестра, брат и шахта“ беше одлаган 3-3,5 години затоа што Агенцијата за филм незаконски ме блокираше. Јас ги тужев и добив две судски пресуди. И откако можев да работам, во исто време се случи и Кочани. Сметав дека треба да се реагира веднаш и да се снимат луѓето додека е трагедијата најболна. Така излегоа два филма – рече Манчевски.
По светската премиера во Сараево и македонската во Скопје, документарецот „Добри луѓе“ се прикажува на фестивали во Софија, Торино, Тирана и во Белград. (Н. И. Т.) Фото: П. Стојановски; Маја Аргакијева












