Анимираните херои од „Авантурите на Финик 2“ повторно се враќаат на големото платно. Дистрибутерската куќа „МЦФ МКД“ најави дека синхронизираната анимација „Авантурите на Финик 2“ ќе почне да се прикажува во кината низ земјава од 11 јуни.
По успешниот прв дел, новото продолжение носи уште повеќе хумор, акција и возбудливи авантури. Во центарот на приказната е повторно палавиот домашен дух Финик, кој овој пат ненамерно буди древна магија и ја губи својата способност за невидливост, со што ги доведува во опасност сите негови сонародници.
Заедно со својата пријателка Кристина, Финик тргнува на возбудливо патување исполнето со нови предизвици, необични средби и важни лекции за пријателството, довербата и храброста.
Инспирирана од словенската митологија, „Авантурите на Финик 2“ носи модерна и забавна анимирана приказна што претставува идеално летно кино освежување за целото семејство.












