Одличните настапи во дресот на Универзитетот „Стоуни Брук“ му ги отворија вратите на македонскиот плејмејкер Андреј Шошкиќ кон посветла иднина. Несомнено е дека тој ги надмина очекувањата во својата дебитантска сезона во САД, оставајќи силен впечаток во тимот, но, очигледно, дојде време за преселба.
Тој веќе се најде на радарот на неколку универзитети со многу пореномирани кошаркарски програми. Токму поради тоа, донесе одлука да направи нов чекор во својата кариера и да ја промени средината.
Тој реши да ја сподели оваа информација на социјалните мрежи, каде што објави дека влегува во т.н. трансфер-портал, со што официјално станува достапен за други колеџ-програми.
- Благодарен сум за времето минато во „Стоуни Брук“ и на сите што беа дел од ова мое „патување“ – тренерите, соиграчите, персоналот, како и целата заедница што ми даваше поддршка. По внимателно размислување, решив да влезам во трансфер-порталот и да разгледам нови опции за следното поглавје во мојата кариера. Возбуден сум поради она што е пред мене – напиша Шошкиќ.
Со ваков потег, талентираниот плејмејкер ќе има можност да избере нова средина во која би можел дополнително да го развие својот потенцијал и да направи чекор кон уште повисоко ниво во колеџ-кошарката во САД.
Инаку, за разлика од повеќемина кошаркари на кои примарна цел им е НБА- лигата, Шошкиќ повеќе се гледа себеси во Евролигата, а за сето ова зборуваше во интервју за весникот ВЕЧЕР, пред четири месеци.
- Секој кошаркар сонува еден ден да заигра во НБА, па така и јас. Сепак, не размислувам премногу во таа насока. Искрено, повеќе се гледам себеси во Европа, конкретно во Евролигата и моментално тоа ми е поголема желба отколку настап во НБА.











