Дел од родителите на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани протестираа пред Институтот за судска медицина во Скопје, барајќи одговори за токсиколошките анализи направени по обдукциите.
Тие беа примени на средба кај директорот на Институтот, Александар Станков, по што информираа дека добиле потврда оти анализите се направени, но дека резултатите нема да им бидат соопштени сè додека не бидат презентирани во рамки на судската постапка.
„Дојдовме затоа што дадовме рок од три дена. Ни беше објаснето дека се направени сите токсиколошки анализи и дека целокупниот материјал е предаден во Обвинителството. Ќе чекаме на суд да се изјаснат со детали“, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица и претседател на Здружението „16 март 2025 Кочани“. Тој појасни дека директорот Станков им укажал оти Институтот нема законска можност во оваа фаза да споделува информации за наодите, туку тие ќе бидат презентирани како доказ во судската постапка.
„Само потврди дека се направени токсиколошки анализи, но не може да каже од што е и како е – тоа ќе се утврдува на суд“, рече Наунов.
Клучните дилеми на семејствата остануваат дали во анализите било испитувано присуство на цијанидни соединенија и дали токму тие се причина за смртта на дел од жртвите. Според Наунов, родителите биле информирани дека по трагедијата биле земени биолошки примероци, а анализите биле извршени дополнително, по набавка на соодветна опрема, по што сите наоди се доставени до Обвинителството.
Директорот на Институтот, Александар Станков, по средбата изјави дека институцијата ја завршила својата работа во рамките на надлежностите.
И покрај добиената потврда дека анализите се направени, родителите велат дека остануваат без конкретни одговори за причините за смртта на нивните деца, кои, како што велат, ќе ги бараат во судница.












