Оние маркети кај кои ќе биде утврдено дека има зголемување на бруто-трговските маржи за 2 до 5 процентни поени во однос на лани, ќе добијат предупредување од Владата, а по состанокот со претставниците на трговскиот сектор ќе се знае и дали ќе бидат потребни дополнителни мерки, најави премиерот Христијан Мицкоски од Охрид.
Проверката на цените и маржите опфаќа меѓу 600 и 700 производи, а анализата, според најавите, е во завршна фаза. Надлежните институции треба да утврдат кај кои производи има отстапувања и дали се тие резултат на реални пазарни услови или на зголемени трговски маржи.
– Очекуваме во најкраток период да се знае кои маркети ги имаат малку зголемено маржите споредено со истиот период од минатата година од 2 до 5 проценти. Зборувам на тие веќе постојните бруто-профитни маржи од 10 отсто. Ако маржата била 10 проценти, сега е 12 или 15, тие маркети ќе бидат предупредени – изјави Мицкоски.
Тој најави дека наскоро во Министерството за економија и труд ќе се одржи состанок со претставници на трговскиот сектор, по што ќе се утврди дали ќе бидат потребни дополнителни активности.
Мицкоски се осврна и на последните податоци за инфлацијата, оценувајќи дека движењата се позитивни. Според него, инфлацијата во јуни изнесувала 3,4 проценти, додека кај храната и безалкохолните пијалаци била 2,5 проценти.
Како фактори кои влијаеле врз растот на одредени цени ги посочи тутунот и тутунските производи, алкохолот, како и зголемените транспортни трошоци предизвикани од глобалните економски случувања.
Од Владата велат дека следењето на цените ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се спречат неоправдани зголемувања кои би имале директно влијание врз животниот стандард на граѓаните.












