Македонските граѓани што планираат да патуваат во земјите од Европската Унија, најверојатно, нема да мора да плаќаат по 20 евра за електронска дозвола за патување од крајот на оваа година. Според „Фајненшал тајмс“, Европската Унија размислува да го одложи воведувањето на системот ЕТИАС до 2027 година, поради проблеми со спроведувањето на биометрискиот систем за гранична контрола (ЕЕС).
Иако на официјалната интернет-страница на ЕТИАС сè уште стои дека системот треба да почне да функционира во последниот квартал од 2026 година, агенцијата ЕУ-ЛИСА, задолжена за неговото спроведување, признава дека тоа веќе не е реална временска рамка. Според извори запознаени со разговорите, сè уште постојат технички проблеми, а приоритет е најпрво целосно да се оспособи системот ЕЕС.
– Најпрво треба да се решат проблемите со ЕЕС, а потоа да се воведува нов систем, кој би можел дополнително да го зголеми метежот на границите – изјавил извор за „Фајненшал тајмс“.
Дури и по официјалното воведување на ЕТИАС, се очекува преоден период од најмалку шест месеци. Во тој период, патниците ќе бидат повикани да аплицираат за електронско овластување, но нема автоматски да им биде одбиен влез доколку сè уште немаат дозвола и ги исполнуваат другите услови за влез.












